| четврток, 6 декември 2018 |

Синот на Црвенковски доби кривична пријава за насилство

branko-i-sin-mu

Фотографија: Љупчо Црвенковские е прв од десно

Кривична пријава за насилство добил синот на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Љупчо Црвенковски е осомничен за тепачката во штипската дискотека „Мистик“, по митингот на опозицијата во Штип.
Заедно со него, кривично ќе одговараат уште 7 лица од Штип на возраст од 22 и 29 години, а кривична ќе добие и сменоводителот на полициската станица во Штип бидејќи се обидел да го затскрие случајот. МВР информира дека ќе поведе дисциплински постапки и против командирот на штипската полициска станица и уште тројца полициски службеници.

Врз основа на извршените разговори, утврдено е дека на 17.3.2013 година, околу 3 часот, во дискотека „Мистик“, лоцирана на улица „Кирил и Методиј“, првоосомничениот без повод и причина физички го нападнал момчето кое го пријавува случајот, удирајќи го со тупаници во пределот на телото и лицето  при што му нанел видливи телесни повреди. Во тој момент лице кое било во друштво со оштетениот го повлекло кон себе оштетениот со намера да го заштити. Потоа на првопријавениот му се придружиле и други лица кои биле со него и без повод и причина почнале кон оштетениот и кон тројцата негови пријатели да фрлаат со стаклени предмети, чаши и шишиња. Нападнатите поради страв за нивната безбедност застанале зад бетонски столб кој бил во нивна близина во наведената дискотека. Откако од одбиените стакла од шишињата и чашите со кои мавале бил погоден и еден од напаѓачите, прекинале со фрлањето, по што оштетените ја напуштиле дикотеката. Со наведеното инкриминирачко дејствие погоре пријавените лица кај оштетениот, неговите другари и останатите присутни во дискотеката предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв за нивната безбедност.

Од физичкиот напад и насилничкото однесување оштетениот се здобил со  видливи повреди, оток на усната и расекотина на десната рака, поради што е пренесен во ЈЗУ Здравствен дом – Штип заради утврдување на видот и карактерот на повредите.

Вчера, од страна на СВР Штип, е извршен преглед на самото место и фотографирање, за што е изготвена службена документација и  фотодокументација.

Од тие причини, против Н.М.(1987) од Штип, Н.Д.(1989) од Штип, Ц.Љ.(1990) од Скопје, А.С.(1977) од Штип, М.А.(1988) од Штип, К.Б.(1973) од Штип, М.Л.(1975) од Штип и Д.А.(1987) од Штип е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело насилство според член 386, ст. 2, в.в. член 22 од Кривичниот законик на РМ.

Поради тоа што настанот не е пријавен од страна на одговорното лице во дискотеката, против правното лице и одговорното лице во правното лице ќе биде поднесена пријава за сторен прекршок по чл. 33 од ЗППЈРМ.

Според истрагата што ја водеше Секторот за внатрешна контрола на МВР, сменоводителот иако бил должен во согласност со член 62 од Законот за полиција и членовите 55, 56 и 57 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, да преземе службени мерки и дејствија, истиот не ги презел со што сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Истиот во билтенот на СВР Штип и книгата за дневни настани настанот го евидентирал како „тeпачка“, иако од страна на полициски службеник бил земен записник за примање пријава со квалификација „физички напад“, а во истиот записник се констатирани и елементи на насилство. Против сменоводителот ќе се покрене постапка и за дисциплинска одговорност и ќе биде суспендиран до нејзино завршување.

Дисциплинската одговорност на командирот е лоцирана во тоа што по дознавањето на направените пропусти во работењето на сменоводителот, требало да го изостави од случајот и против него да преземе мерки за одговорност. Наместо тоа, командирот повторно го задолжил да го расветлува настанот. Тројцата униформирани полициски службеници, иако биле на самото место, не ги презеле сите потребни службени дејствија и не изготвиле службен матреријал. Со тоа постапиле спротивно на правилата и прописите во МВР и против истите на предлог на Секторот за внатрешна контрола ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност пред дисциплинската комисија, информираат од МВР

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top