| четврток, 6 декември 2018 |

Почна санацијата на мостот во Долно Коњаре

коњаре

Санацијата на мостот на реката Пчиња во село Долно Коњаре треба да заврши до крајот на април годинава, најавија денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Владо Мисајловски.

За оваа намена, посочија, се обезбедени 3,5 милиони денари.

Мостот е стар 32 години, а со интервенцијата ќе се зголеми неговата стабилност.

– Овој мост е особено значаен за жителите на Ржаничино и Коњаре бидејќи ги поврзува двете населени места – истакна Јанакиески пред почетокот на градежните активности.

Како што нагласи Мисајловски, мостот долг 136,60 метри, а широк четири метри, има 22 отвора, со меѓусебно растојание на столбни места од 5,6 метри.  Критични и неопходни за санација се две столбни места на средината.

– Санацијата  е неопходна зашто е изграден во 1983 година. Дното на речното корито е веќе спуштено, водата со текот на времето го поткопала поради што е зголемена висината на столбовите, а тоа негативно влијае на стабилноста на мостот. Врз стабилноста влијае и нерегулираното корито на реката, како и нередовното чистење од наноси на гранки, трупци и друг отпад – изјави Мисајловски.

Тој информира дека минатата година почна изградбата на два нови моста, кај Злеово во општина Радовиш и на реката Злетовска кај село Пишица, општина Чешиново – Облешево. Кон крајот на 2014-та стартуваше и санацијата на мостот на Вардар на делницата Желино-Сиричино.

– Санацијата на овие четири моста ќе заврши во првата половина на годината, а за нив ќе бидат одвоени вкупно 61 милиони денари – подвлече директорот.

Според него, оваа година приоритет ќе биде санацијата на мостот на река Брегалница на делницата Кочани – Зрновци кој беше оштетен од неодамнешните поплави и за кој во моментов се подготвува техничко решение за градежно-санациони работи на мостот.

Планирани се и градежно-санациски работи на мост на делницата Гостивар – превој „Стража“, на мост на реката Треска на делницата Македонски Брод – Самоков и зградба на армирано – бетонски мост на делница Тркање – Пишица, кај село Соколарци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top