| четврток, 6 декември 2018 |

Запленети 40 килограми марихуана на „Ќафасан“ наменети за швајцарскиот пазар

Уапсени двајца стружани со четириесет килограми марихуана, која од Македонија преку Албанија требало да заврши на пазарот во Швајцарија.

Стружанецот Х.Л. (34) вчера околу 14.30 часот се обидел со камион со приколка да ја пренесе дрогата во Албанија преку граничниот преми „Ќафасан“. На граница тој пријавил дека пренесува собни врати, но во специјален бункер се најдени 71 полиетиленски пакувања марихуана.

Вечерта околу 22.30 часот е уапсен и Е.Д. (41) од Струга, кој го организирал транспортот на марихуана. Тој минатиот месец од непознато лице од Албанија за неутврдена цена ја набавил марихуаната со намера да ја транспортира на швајцарскиот наркопазар. Е.Д. заедно со З.А.(31) од Струга, кој е на привремена работа во Цирих, го ангажирале Х.Л. за да ја транспортита марихуаната по цена од 500 евра за еден килограм.

Вредноста на марихуаната е проценета на околу 160.000 евра. Струшката полиција поднесе кривични пријави за двајцата уапсени стружани и против З.А., кој сѐ уште не е достапен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top