Минатиот петок „Суперхикс“ го одржа својот прв концерт во Грција, пред повеќе од 1.200 луѓе кои имаа можност да се забавуваат со фуриозната банда инструментале. Нивниот настап беше во рамките на второто издание на „Балкан фест“, кој се одржа во клубот „Блок 33“ во Солун.
– Позитивно сме изненадени и воодушевени од пречекот и гостопримството што го доживеавме на „Балкан фест“. Посебно, затоа што по цели 19 години постоење, ова ни беше сефте во Грција, а бевме најавени и го отсвиревме овој концерт, како хедлајнери. Уште еднаш се покажа дека музиката урива секакви бариери, а и некако добивме впечаток дека на младите таму им е преку глава од „прашањето за името“, па без проблем се претставивме пред публиката како група од Македонија, Македонци и слично. Настрана од политиката, ова е важен чекор до конечното обединување на младите луѓе од регионот и затоа едно големо „Ефхаристо Поли“ до солунци, „Балкан фест“ и „Блок33“!!! Секоја чест и се гледаме пак на следниот „Балкан фест“! – изјави „Суперхикс“ по настапот на „Балкан фест“.
А, токму тоа е и целта на овој солунски фестивал, да ги истакне балканската култура и различните карактеристики на луѓето од југоисточна Европа за да прерасне во мост кој ќе ги поврзува балканските култури и културни активисти. „Суперхикс“ воедно беше и првата македонска група што настапила на „Балкан фест“, а покрај нив годинава фестивалот ги пречека „Баилдса“ (Грција) и „Оратница“ (Бугарија).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.