| четврток, 6 декември 2018 |

Европа ги напушта САД?

Меркел, Оланд и другите Европејци се нерешителни за ставовите на Вашингтон. Сепак, во наредниот конфликт меѓу Вашингтон и Москва, или оваа зима за Донбас или во иднина за соседството на Русите, Европејците веќе решија дека можат да најдат мир и да просперираат без помошта на Вашингтон преговарајќи со нивните борбени руски соседи во нивниот заеднички евроазиски дом

Забелешките на американ­скиот државниот секретар Џон Кери во Киев дека САД размислуваат да ѝ обезбедат оружје на завојува­ната влада на украинскиот претседател Петро Порошенко претставуваат закана за почнување политичка криза во Европа, која може да има длабоки последици за САД.

Европските сили, предводени од Берлин и од Париз, се немаат соочено со таков отворен избор на лојалност од крајот на Втората светска војна. Дали Европа ќе продолжи да му биде послушна на Вашингтон под закрила на Северноатлантската договорна организација или Европа ќе реши да оди по својот пат, да преговара за економските и безбедносните интереси со Русија и со нејзините сојузници, независно од САД?

svet129-3

Дипломатски вител

Кон крајот на јануари и почетокот на февруари, главните борби во источноукраинскиот регион Донбас предизвикаа дипломатски вител во Вашингтон, Берлин, Париз и во Киев, главно поради тоа што бунтовничките сили поддржани од Русија брзо успеаја да ги надмудрат силите на Киев во близина на аеродромот во Донецк и во градот Дебалцев.

Накратко кажано, бунтовниците се добро предводени и добро снабдени, со висок морал и со голема руската помош, вклучувајќи и руски офицери што ги нудат своите услуги како волонтери. Исто така, бунтовниците се во добра позиција да почнат офанзива во доцната зима и рана пролет за да се зацврсти првата линија на фронтот, која ќе ја парчоса Украина.

Кери пристигна во Киев на 5 февруари за да ја подобри опаднатата среќа на Киев на бојното поле и во избрзан одговор навести дека Вашингтон наскоро ќе донесе одлука за вооружување на Киев. За да истакне дека е можно да избие поширока војна, тој рече дека Вашингтон не може да ги затвори очите пред минувањето на руските тенкови на украинската граница.

За неколку часа, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд пристигнаа во Киев за да се состанат со воинствениот Порошенко, кој е очаен за американското оружје. Меркел и Оланд, наводно, биле вознемирени од навестувањето на Кери, но си заминаа од Киев без изјава.

Следниот ден, Меркел и Оланд го покажаа своето незадоволство од Кери со тоа што отпатуваа за Москва за да се состанат со рускиот претседател Владимир Путин. Меркел го истакна незадоволството на Берлин од коментарите на Кери на Минхенската безбедносна конференција на 7 февруари со изјавата: „Јас сум цврсто убедена дека овој конфликт не може да се реши со воени средства“.

Дипломатските маневри продолжија минатиот понеделник, овој пат Меркел замина за Вашингтон за да се состане со американскиот претседател Барак Обама и да го повтори непопустливото одбивање на Европа за вооружувањето на Киев. Според некои извори, таа разговарала со Обама за сериозноста на ситуацијата и се разочарала и се обесхрабрила од нивото на информации на претседателот и од неговиот инстинкт кризата да се претвори во политичка игра.

svet129-2

Новиот нов светски поредок

Сепак, ниту патувањата меѓу главни градови и континенти, ниту нивните позиции и провокации нема да го сменат сценариото што ќе го избере Европа оваа година, без оглед на брзиот или лош резултат од украинската криза.

Европа попрво би одбрала да си тера по свое и да стане партнер со евроазиските сили на Москва и на Пекинг отколку да остане заложник на невештата и сѐ попериферна американска моќ. Европа, особено германското раководство, верува во визијата на британскиот географ Џон Халфорд Макиндер за заеднички евроазиски дом. Според ова гледиште, поствоениот период од 1945 година до 1989 година е исклучок. Сега Европејците имаат за цел да се обединат со другиот дел од евроазискиот суперконтинент и да се воспостави рамнотежа на моќта, која беше уништена од двете светски војни и од подемот на доминацијата на САД.

Москва го гледа Вашингтон како натрапник и провокатор во евроазиските работи. Уште од крајот на Советскиот Сојуз, Москва редовно го обвинува Вашингтон за создавање лажна кризи во соседството на Русија – поранешните советски републики. Москва ја гледа провокативната страна на Вашингтон што прави неред на Балканот за време на администрацијата на претседателот Бил Клинтон, во Украина и во Грузија за време на администрацијата на претседателот Џорџ Буш и мајданскиот револт за време на администрацијата на Обама. Зошто? Според Русите, Вашингтон се обидува да им докаже на слабо вооружените Европејци дека ним сѐ уште им е потребна прегратката на НАТО.

– Апсолутно, дефинитивно постои обид да се одврати нашиот развој со разни средства – рече Путин на 7 февруари.

– Русија никогаш нема да биде задоволна со таков светски поредок – додаде.

Кремљ им презентираше на Меркел и на Оланд практичен и очигледен компромис за решавање на граѓанска војна во Украина. Крим ќе остане како дел од Русија, додека Донбас ќе остане во Украина, но ќе ужива поголема автономија од Киев. Со тек на време, долговите на Киев ќе се решат во соработка со Европската унија, Меѓународниот монетарен фонд и Русија, а санкциите против Русија ќе се укинат веднаш.

Кремљ беше искрен во врска со алтернативното сценарио според кое Вашингтон продолжува со вооружување на Киев: граѓанската војна во Украина брзо ќе заврши во корист на Москва. Москва веќе е внимателна со плановите за дополнителен револт од типот на мајданскиот во поранешните советски држави, како што се Белорусија и централноазиските републики како Узбекистан. Путин има за цел да се избегнат натамошни немири со брзо решавање на украинската граѓанска војна.

Меркел, Оланд и другите Европејци се нерешителни за ставовите на Вашингтон. Сепак, во наредниот конфликт меѓу Вашингтон и Москва, или оваа зима за Донбас или во иднина за соседството на Русите, Европејците веќе решија дека можат да најдат мир и да просперираат без помошта на Вашингтон преговарајќи со своите борбени руски соседи во нивниот заеднички евроазиски дом.

 

Извор: „Ал Џaзира Америка“
Превод: Ана Цветаноска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top