| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на „КонТемпора“ в недела во МОБ

В недела (1 март), со почеток во 20 часот во салата „Империјал“ на Македонската опера и балет, концерт ќе одржи Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. На програмата се дела од македонски и странски автори, од кои најголемиот дел ќе бидат изведени премиерно: „Пасторала“ за обоа (англиски рог) и пијано на Илија Илиевски, „Каливех“ за соло-виолина од иранскиот композитор Махјар Хемати, „Патувањето на рибарот“ за обоа и фагот од индонезискиот композитор Мишел Тамбувун, Дувачко трио од бразилскиот автор Хеитор Вила-Лобос, „Медитација“ за виолина и пијано од италијанскиот композитор Аурелио Ското и Дувачки квинтет од американскиот автор Ричард Хембри.

На концертот ќе настапат седум члена на ансамблот „КонТемпора“: Катерина Бачевска (флејта), Владимир Лазаревски (обоа, англиски рог), Игор Иванов (кларинет), Марјан Милошевски (фагот), Владимир Костов (виолина), Бојан Талески (виола), Петруш Петрушевски (контрабас) и Ана Гацева (пијано).

Ансамблот „КонТемпора“ е камерен состав кој дејствува исклучиво на полето на современата музика и е ориентиран кон изведба на нови дела од домашни и странски автори. „КонТемпора“ брои 20 члена и во зависност од репертоарот дејствува во повеќе формации.

Влезот на концертот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top