Истекува рокот за пријавување дополнителни приходи за 2014 година. Средината на март, поточно 15 март е последниот ден до кога треба да се поднесат годишните даночни пријави, а годинава сите вработени граѓани треба на Управата за јавни приходи да ѝ дадат отчет за примањата, со оглед на тоа дека секој што добил регрес за годишен одмор, ќе мора да го пријави. Исплатата на К-15 фактички значи обврска за поднесување ГДП, а бидејќи исплата на овие средства е законска обврска, тоа значи дека секој вработен треба да ја исполни. Токму затоа од УЈП апелираат граѓаните навреме да ги поднесат своите пријави за дополнителни приходи и да не чекаат пет до дванаесет за да ја завршат оваа обврска за да се избегне создавањето турканици на шалтерите, слика што можеше да се види секоја година околу 15 март.
– Според последните податоци, досега до УЈП се поднесени 36.681 годишни даночни пријави, од кои 235 се поднесени преку системот е-даноци, а до истекот на крајниот рок (15 март) очекуваме да бидат поднесени околу 200.000 годишни даночни пријави за 2014 година. Минатогодишната исплата на К-15 создаде задолжителна обврска за пријавување и на овој приход. Значи доколку граѓанинот покрај приходот од плата остварил и дополнителни примања од работен однос (на пример: регрес за годишен одмор), работодавецот има обврска да пресмета и плати персонален данок на доход и да издаде примерок од пресметката, а граѓанинот има обврска приходите да ги пријави во годишната даночна пријава. Со цел да не се создаваат метежи, апелираме граѓаните уште од сега да ги пријават дополнителните приходи и да не ги чекаат последните денови пред истек на рокот – информираат и повикуваат надлежните од УЈП.
Првиот човек на УЈП, Горан Трајковски, во интервју за „Република“ истакна дека граѓаните сѐ повеќе стануваат свесни за потребата од поднесување ГДП.
– Македонските граѓани ги пријавуваат дополнителните приходи и, на мое огромно задоволство како даночник, можам да кажам дека поднесувањето годишна даночна пријава е веќе навика во Македонија, а не исклучок. Се разбира, секогаш постојат луѓе што ненамерно или намерно ќе заборават, но затоа сме тука ние да ги потсетиме. Масовноста и огромниот број податоци добиени од ГДП овозможи во изминатите години да се создаде квалитетна даночна политика кога станува збор за даночниот третман и за услугите кон граѓаните, кои се многу специфична категорија даночни обврзници и бараат посебно внимание. Според нашите анализи, од година во година се зголемува бројот на лицата и износот на вкупниот приход што го оствариле, но и салдото на одделните видови приходи бележи нагорна линија – нагласи во таа пригода Трајковски.
Инаку, секој граѓанин што во текот на 2014 година остварил приходи по повеќе основи, односно покрај платата или пензијата, на пример, остварил и приходи од издавање под закуп на станбен објект (кирија) или остварил хонорар по основа на авторски договор и сл., има обврска сите годишни приходи да ги пријави во УЈП со поднесување годишна даночна пријава.
Значи задолжително се поднесува ГДП доколку:
- сте издавале под закуп или подзакуп станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викедничка, опрема, превозни средства или друг вид опрема,
- сте склучиле авторски договор, односно сте оствариле приходи од авторски права и права од индустриска сопственост,
- ви била исплатена дивиденда или камати по основа на заем што сте го дале на физичко или правно лице,
- сте оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот,
- сте оствариле добивка од општи игри на среќа, во износ поголем од 5.000 денари,
- имате лични примања од странство,
- работно сте ангажирани во амбасада, мисија или меѓународни организации во РМ, односно имате лични примања од дипломатски, поточно конзуларни претставништва на странски држави во земјава или, пак, остварувате лични примања кај претставништва и службеници на претставништва што уживаат дипломатски имунитет,
- сте оствариле и „други примања“.
Од УЈП прецизираат дека секое лице што остварило добивка од посебните игри на среќа (казино, автомат клуб или обложувалница) нема обврска да ја пријави во годишната даночна пријава, додека, пак, граѓанинот што остварил добивка во износ поголем од 5.000 денари од општите игри на среќа (лото, бинго, квизови, наградна игра и сл.) има обврска да ја пријави во годишната даночна пријава во УЈП.
Пријавите треба да се достават електронски или на шалтерите на УЈП најдоцна до 15 март. Минатата година беа поднесени 180.000 годишни даночни пријави.
За да може да се пополни ГДП, работодавецот има обврска да достави пресметка за исплатени приходи во претходната година, која треба да ги содржи следниве податоци:
- износот на бруто-приходот,
- износот на одбитоци,
- износ на лично ослободување ипресметаниот и платениот данок.
Граѓанинот што во текот на годината остварува само приход од плата, пензија, земјоделска дејност или самостојна дејност, не е должен да поднесува годишна даночна пријава.
На граѓаните што со задоцнување или воопшто нема да поднесат годишна даночна пријава до 15 март 2015, УЈП ќе им изрече глоба за сторен прекршок во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 129. број на неделникот „Република“, 20.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пензионерите што немаат дополнителни приходи не треба да се регистрираат за е-персонален данок
-
Возило на УЈП превртено стои во река – друго удрено во Битола
-
Важи и за плата и за пензија: Секој што има остварено приход, мора да се регистрира во системот Е-персонален данок
-
УЈП ќе шпионира кој работи за странство