Според најавите на директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, 99 проценти од артефактите во новиот археолошки музеј ќе бидат оригинали, како што е случајот со големите археолошки музеи во светот, пишува „Нова Македонија“. Како што вели Кузман, заводите и музеи во земјава веќе направиле листи на артефактите што ќе ги отстапат и дека селекцијата ја направиле според сопствена одлука.
– Немаме намера да ги испразниме збирките на заводите и музеи во земјава. Според Законот за заштита на културното наследство, никој не може да ги присили да отстапат некој артефакт доколку самите не одлучат така. Копии ќе направиме само за оние артефакти што се во музеите надвор од Македонија, како Белград и Софија, ако добиеме дозвола за тоа, иако веќе наидуваме на тешкотии. Коректна соработка за ова прашање имавме само со Турците, кои ќе ни отстапат копија од саркофагот на Александар Македонски, кој се наоѓа во Археолошкиот музеј во Истанбул – вели Кузман.
Златната маска од Требеништа, за која директорката на охридскиот завод и музеј најави дека ќе остане во Охрид, Кузман вели дека ќе биде дел од изложбата на златни предмети што се подготвува во златната соба во музејот „Робевци“.
– Маската прво планираме да ја изложиме во Охрид. Не можам да потврдам дали оригиналот ќе остане во Охрид, бидејќи тоа е во надлежност на раководството на Завод и музеј – Охрид. Откако маската ќе ја изложиме таму, ќе се договориме што понатаму – вели Кузман.
Срамежливата Венера, според Кузман, во согласност со одлуката на раководството на Музејот на градот Скопје, ќе биде изложена на централно место во новиот музеј.
– Предвидовме сосема адекватен простор за срамежливата Венера, но сѐ уште не знаеме до детали како ќе биде аранжиран околниот амбиент. Можам само да ви кажам дека таа ќе биде изложена на видно место и кога ќе влегувате во лапидариумот, прво неа ќе ја видите – вели Кузман.
Според првичната концепција, на влезот во музејот на приземјето треба да биде изложена копија од саркофагот на Александар од 4 век пред новата ера, чиј оригинал е изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул. Спроти него, ќе биде претставена скулптурата на Венера Пудика, пронајдена пред неколку години во античкиот град Скупи.
Збирката ќе ја сочинуваат артефакти што се откриени со капиталните истражувања од последните пет-шест години, од археолошката збирка на Музејот на Македонија, како и од репрезентативни артефакти од музеи и заводи од земјава.
Институциите во внатрешноста нема да бидат сосема испразнети за да продолжат со нивната музејска дејност. Начелно, договорено е од порепрезентативните предмети да се направат копии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дефект со инсталацијата – причина за пожарот во Археолошкиот музеј
-
За „Бела ноќ“ отворено и бесплатно од 18 часот до полноќ во Археолошкиот музеј
-
Предисториските ризници во Чешка ќе се презентираат во Археолошкиот музеј
-
По повод 8 март: Отворена изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“ во Археолошкиот музеј