Активностите за изградба на секундарна гасификација во скопскиот регион се во тек. Има две понуди од компании со кои во моментот се води конкуретен дијалог, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната собраниска седница.
– Во март очекуваме ова да биде завршено по што би имало јавно наддавање. Онаа компанија која ќе даде најдобра финансиска понуда ќе склучи договор, а потоа во максимум од една година треба да започнат и градежните работи, појасни Јанакиески, одговарајќи на пратеничко прашање.
За останатите два региона е пристигната една понуда од странска компанија која, како што рече Јанакиески, е заинтересирана за гасификацијата на двата региона.
Во врска со обештетувањето на домаќинствата кои претрпеа штети од поплавите, министерот Јанакиески информираше дека преку донаторската акција што беше спроведена со мобилните оператори се собрани околу 13 илјади денари кои веќе од утре ќе почнат да им бидат дистрибуирани на 260 семејства од околу 12 општини кои беа зафатени од поплавите.
– Паралелно се врши и проценка на терен за штетите врз земјоделските површини. Очекуваме во текот на март оваа проценка да биде завршена и потоа на ниво на Влада ќе одлучиме за начинот и постапката како ќе биде обештетувањето, рече Јанакиески.
Одговарајќи на пратеничко прашање за скијачкиот центар Копанки на Пелистер, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека досега се завршени активностите околу жичарницата и ски лифтот и оти е предвидена и изградба за производство на вештачки снег за заснежување на скијачките патеки во вкупна должина од 1.250 метри.
– Изградбата на системот предвидува да биде реализирана со инвестиција во износ од околу милион евра. Рокот за реализација почнува годинава, а завршува 2017 година. Во тек е тендерска постапка за изработка на проект за изградба на отворени базени на вода потребни за производство на ветачкиот снег по што ќе следи изградбата и набавката на целокупната опрема потребна за производство на снегот, појасни Пешевски.
Тој додаде дека е планирано и целосно реновирање на хотелот Молика каде ќе бидат воведени и нови содржини за гостите како што се спа центар и катче за најмладите. Планираната инвестција е околу три милиони евра, а рокот на реализација од 2015 до 2017 година.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, осврнувајќи се на проектот за самовработување, оцени дека се работи за проект со успешност од над 70 проценти.
– Досега се формирани над 6700 мали бизниси во кои во моментот има над повеќе од 5176 вработени. За оваа година исто така предвидуваме значителна бројка од 960 мали бизниси кои ќе се формираат преку мерката за самовработување со грант средства. Во јавниот повик којшто е објавен и се однесува на сите невработени активни баратели на работа, трае до 10 март и секој заинтересиран може да се обрати до центрите за вработување, рече Спасов.
Покрај ова, како што истакна министерот, новитет за оваа година е тоа што се планира и поддршка на 32 најуспешни и најиновативни бизнис планови да добијат дополнителна финансиска поддршка во вкупен износ од 240 илјади денари.
– Исто така и за 60 мали бизниси, кои ќе се формираат годинава, се предвидува вработување на уште едно лице доколку бизнис плановите укажуваат на ваква потреба и дополнителна поддршка од 92 илјади денари за отворање на ново работно место. Се планира и поддршка на петте најуспешни бизнис планови за занаетчиска дејност во вкупен износ од 328 илјади денари, рече Спасов.
На обвинувањата од пратеникот Амди Бајрам за несоодветно постапување на полициските службеници во одредени случаи, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска рече дека доколку се утврдат пречекорувања, тогаш ќе бидат преземени сите мерки за расчистување на случаите.
– Во моментот ги немам деталите за овие случаи, но стоиме на располагање да се направат дополнителни проверки со цел да се утврди дали и во која мерка постоело пречекорување на службените овластувања на поединци. Ако се утврди одреден пропуст, тогаш согласно Правилникот за вршење полициски работи и согласно професионалните стандарди ќе ги преземеме сите мерки кои се неопходни за расчистување на случајот затоа што Министерството за внатрешни работи е сервис на сите граѓани на република Македонија без оглед на нивната етничка, верска или било каква друга припадност, ги пречекориле службените овластувања, нагласи Јанкуловска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.