Во наредните три месеци нуркачи од Македонија и од Албанија заедно ќе го пренуркуваат Охридско Езеро во должина од 80 километри.
Меѓународниот нуркачки инструктор од Охрид Милутин Секуловски – Миќо, во придружба на 50-ина негови колеги од центарот „Амфора“ и од Албанија од 28 февруари ќе почнат со нукрање на целиот крајбрежен појас на Охридско Езеро во должина од 80 километри.
Целиот потфат ќе заврши во период од три месеци. Како што појасни на денешната прес-конференција, целта на предвидениот проект не е само да се помине Охридско Езеро под вода, туку за време на нуркањето да се фотографираат и снимаат одредени локации под вода, да се позиционираат евентуалните откритија, со цел пројанденото да биде достапно до научната јавност за сите пронајдоци од нивни интерес.
– Идејата за овој потфат е стара 15-ина години. Станува збор за пренуркување на Охридско Езеро на длабочина од 5 до 15 метри. Сите заинтересирани субјекти како Хидробиолшкиот завод, „Завод и музеј“ од Охрид и други научни институции ќе можат да ги користат добиените податоци, имајќи предвид дека Охридско Езеро не е премногу истражувано. Самиот проект не е истражувачки, но сите податоци што ќе ги обезбедиме ќе бидат достапни до јавноста – изјави Секуловски додавајќи дека по завршувањето на проектот ќе биде изработена документарна емисија со сите активности, како и изложба на подводна фотографија.
Проектот ќе стартува на 28 февруари во 11 часот од пристаништето во Охрид, кога на првото влегување во вода Секуловски ќе го испратат 50 нуркачи од клубот „Амфора“. Предвидено е понатаму во текот на проектот него да го следат по етапи по тројца колеги.
Енрих Мато, нуркач од Албанија, кој е вклучен во потфатот, рече дека за албанските нуркачи, кои немаат некое големо нуркачко искуство, учеството во овој проект ќе им биде од голема полза при, како што истакна, нивните натамошни подводени активности во албанскиот дел на Езерото.
За сè да poмине во најдобар ред, поддршка на нуркачите ќе им дадат специјализираните единици на МВР и на АРМ, а за евентуални потреби во приправност ќе биде и хипербарната комора што функционира во охридската општа болница под раководство на д-р Горан Балески, инаку и самиот нуркач од клубот „Амфора“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.