На еден месец пред Светскиот ден на борба против туберкулозата, Скопје беше домаќин на спортски натпревар на кој децата од Домот за деца без родителска грижа „11 Ооктомври“, децата од околните основни училишта и Дани Димитровска дадоа гол против туберкулозата.
Болеста, која, за жал, зема сѐ поголем замав во светски рамки, е непријател со кој човештвото мора да се соочи и притоа да излезе како победник. Децата од Домот и од околните училишта, со фудбалски натпревар на кој единствена поразена страна беше оваа тешка болест, испратија порака дека посветеноста на превенција и заштита од туберкулозата е единствен начин за намалување на стапката на заболени жители на Земјата.
– Да, денес не само што дадовме гол, туку и ја победивме туберкулозата. Заедно со децата, испративме порака дека е време да се подигне свеста за оваа болест, кај сите генерации. Останува на нас колку ќе вложиме во борбата, а верувам и се надевам дека настанот „Гол против туберкулозата“ е симболичен почеток на уште една голема победа, на човештвото во целина – изјави Дани Димитровска, која на децата им објасни што е, всушност, туберкулоза, и кој е најдобриот начин да се заштитат од оваа болест.
Настанот беше во организација на Здружението на граѓани МЕРЦ, кои ја нагласија својата желба за ширење на свеста за оваа тешка болест меѓу граѓаните во Македонија.
– Веруваме дека борбата против болестите на 21 век, вклучувајќи ја и туберкулозата, е борба на сите граѓани. Превенцијата на оваа болест во голема мера зависи од информираноста на граѓаните, а „Дај гол против туберкулозата“ е само еден настан преку кој сакаме да ја подигнеме свесноста за болеста – изјави Дарко Илиев, претставник на МЕРЦ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.