За настанот во театар „Комедија“ кој беше именуван како „Отворен креативен ден”, се бараше столче повеќе, а атмосферата беше загреана речиси исто како и за претстава на професионалните театарски ансамбли. Публиката имаше можност да погледне одлични мулитмедијални изведби на „Бегалка“ од Иљоски и „Лонг плеј“ од Стефановски, како дел од проектот„Откриваме, градиме, заедно сме“.
Ветувачка креативна енергија, иден актерски потенцијал и младешки ентузијазам се почувствува вчеравечер на сцената на театарот „Комедија“, каде средношколците од шест средни скопски училишта, обединети во своите цели, на присутната публика искрено ѝ покажаа што научиле во изминатите месеци на работилниците за филм, театар и за медиумска култура, во рамки на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме“.
Лени, место Ленче, носи кожна јакна и бега од дома матурата да ја прослави со Бошко, кому, пак, само што не му тргнал бизнисот. Оваа сценска приказна, насловена „Бегалка од 80-те“, направена по мотивите на „Бегалка“ од Васил Иљоски, а зачинета со музика и адаптирани сцени од филмот „Брилјантин“, беше одлична увертира за содржините што следеа во текот на вечерта.
Освен свежиот пристап кон битовата драма „Бегалка“, публиката имаше можност да ја погледне и мултимедијалната изведба на „Лонг плеј“ од Горан Стефановски, која актуелизираше многу прашања за секојдневието на денешните генерации, а сите имаа заеднички предзнак: право на слобода во сите сегменти од живеењето!
Младите средношколци одлично се снајдоа во динамичните сцени и во улогите на ликовите од Стефановски, додавајќи им свој шарм, креативен белег и доза на современост.
Драмата, која, всушност, е мозаик од исечоци на реални животни ситуации, но, и сцени во кои се насликани илузиите за животот, дилемите, копнежот по нешто далечно, се покажа како одличен предизивик за талентираните средношколци. Освен својот потенцијал за глума, тие, преку одбраните колажни сцени, ги споделија и своите афинитети за музика, и тоа во клучните места на драмското дејство на „Лонг плеј“. „Битлси“, Нина Спирова, Џими Хендрикс… дополнето со соодветна доза хумор и иронија – не ја оставија многубројната публика ниту за момент.
На вчерашниот настан, исто така, беа презентирани и кратки филмови и видео анимации кои ги изработија младите од работилницитеза филм и театар, а кои ги допираат прашањата за екстерното во образованието, за значењето на читачките навики во животот, но, и за важноста на квалитетот на соживотот во Македонија.
Инаку, повеќегодишниот проект „Откриваме, градиме, заедно сме“ има за цел со користење на креативни алатки да помогне во промоцијата и докажувањето на правата на етничките заедници, правејќи ги различните етнички групи и нивните култури многу повидливи.
Преку работилниците за театар, филм и медиумска култура, учениците ги развиваа своите таленти, но, и истражуваа, ги збогатуваа своите видици, ја развиваа критичката мисла, го откриваа потенцијалот на различноста.
– За време на театарските работилници, покрај тоа што средношколците од различни училишта научија како да соработуваат и да комуницираат меѓу себе, тие научија и дека можат да го искористат театарот како медиум преку кој можат да пренесат важна порака за нив. Драмските текстови се избрани со цел учениците да се запознаат со македонската битова драма и со современата македонска драматургија – велат од „Арт медиа“, Здружението за развивање на уметност и културна соработка, кое го спроведува проектот.
Овој проект, во кој досега се вклучени средношколци од „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, е поддржан од страна на Град Скопје и Холандската амбасада во Скопје.
Учениците од работилниците за медиумска култура беа ангажирани за соодветно комуницирање на настанот со публиката и овој извештај е нивна изработка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.