| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците во Грција не се тема за ЕКРИ; не се заборавени, но ги нема во извештајот

photo_verybig_12775Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) на полноќ во Стразбур ќе го објави најновиот, петти по ред извештај за Грција. За разлика од претходните четири извештаи на ЕКРИ за Грција, во најновиот, никаде не се споменува македонското малцинство, кое грчката држава официјално го нема признато. Грција го признава само муслиманското малцинство во Тракија, според обврските на договорот од Лозана.

Ова изоставување на Македонското малцинство, според објаснувањата во Стразбур, се должи на новата методологија во работата на Комисијата, која предвидува таа да се посвети на неколку теми.

Во случајов, ЕКРИ се занимава со правото на муслиманското малцинство во Тракија, ситуацијата со Ромите и имигрантите и барателите на азил. Иако притоа се вели дека другите проблеми не се заборавени.

Во досегашните четири извештаи на ЕКРИ беше констатирано кршењето на правото на македонското малцинство, затоа изненадува неговото изоставување. Со оглед дека следниот извештај ќе биде по неколку години, а за Грција нема мониторинг во рамковната конвенција за заштита на националните малцинства која Атина ја нема ратификувано.

Неопфаќањето на македонското малцинство во најновиот извештај на ЕКРИ, довело до жестока реакција на македонскиот амабасадор при Советот на Европа, Петар Поп Арсов на состанокот Комитетот на министрите кога се расправало за извештајот.

Притоа македонскиот амбасадор изнел критики за избраната методологија за изработка на извештајот, која дозволила испуштање на македонското малцинство во Грција.

Македонскиот претставник во Комитетот на министрите побарал да се отвори дебата во Комитетот на министрите за начинот на кој се утврдуваат методологиите за мониторинг. Тој притоа истакнал дека ЕКРИ мора да се занимава во своите извештаи со ситуацијата на македонското малцинство, со оглед на тоа дека Грција ја нема ратификувано Рамковната конвенција. Тој притоа добил поддршка од другите амбасадори бидејќи „ваквата методологија е неприфатлива“.

Самиот извештај е доста критичен за Грција. Имено, ЕКРИ е загрижен поради различните нивоа на ксенофобија и насилство врз бегалците, барателите на азил и имигрантите, или поради континуираната сегрегација на ромските деца во некои училишта, и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Има критики и за говорот на омраза против имигрантите, бегалците и барателите на азил, кои често стануваат цел на расистичко насилство кое се раширило во јавните и политичките говори, посебно во тие на Златна Зора.

На Грција и се испорачани серија препораки во извештајот, како таа на пример за воведување на малцинските јазици во училиштата.

ЕКРИ е група на независни експерти од сите земји членки на Советот на Европа, која работи во духот на почитувањето на човековите права, а не според нивното државјанство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top