
Вакцинацијата на децата во Чешка и натаму останува задолжителна обврска, која доколку не се почитува, од Министерството за здравство ќе биде санкционирана со парична казна до 400 евра, потврди денеска Уставниот суд.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, одлуката на судот доаѓа по поднесокот на група родители кои побараа оваа обврска да биде укината и вакцинацијата да биде на доброволна основа.
Случајот е актуелен неколку години откако овие родители морале да платат казна од 150 евра затоа што не се согласиле да ги вакцинираат своите деца со шестовалентната вакцина позната како „хексавакцина“.
Задолжителната вакцинација на децата е овозможена со дел од Законот за заштита на јавното здравје, според кој ресорното Министерство носи одлука за поставување задолжителни вакцини.
Уставниот суд иако „призна“ дека задолжителните вакцинации, како и голем дел од медицинските интервенции, можат во одредени околности да доведат до сериозни повреди на здравјето, сепак реши дека негативните ставови за вакцинација не ги ослободува родителите од обврската за имунизација.
Чешките деца мора да се вакцинираат со хексавакцината, комбинација против дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, хепатитис Б и болест предизвикана од бактеријата хемофилус инфлуенца тип Б, како и со вакцината која штити против мали сипаници, заушки и рубеола.
Чешкото Минстерство за здравство со најновите измени во Законот за јавно здравство, кои треба да бидат разгледувани од пратениците напролет , предвидува вакцинацијата да биде задолжителна при примање на децата во претшколските установи – градинките, а тоа ќе се обезбедува преку казни за установите кои нема да го почитуваат тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


