Одбивањето на претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, да ги помилува двајцата австралиски државјани, наркодилери осудени на смрт, чијашто казна наскоро треба да биде извршена, предизвикува медиумска војна, но и жестока полтичко-дипломатска расправија меѓу двете држави.
Австралискиот премиер Тони Абот минатата недела го упати вториот апел за помилување на двајцата негови сограѓани.
Според медиумите и политичарите во Индонезија, во неговиот втор апел Абот невкусно ги потсетил соседите дека Австралија за санирање на штетите од цунамито што ја погоди Суматра во 2004 година помогнала со милијарда австралиски долари.
Тој гест и политичката нормализација на односите меѓу Австралија и Индонезија, според Абот, требало да бидат доволна причина за симнување на нејзините сограѓани од листата на осуденици на смрт.
Меѓутоа, тоа ги налути Индонезијците.
Како одговор на потсетувањето на Абот за помошта, прво во Ачех на Суматра, најпогодената област од цунамито, а потоа во Џакарта и други градови почна собирање на метални пари со кои Индонезија би ги „вратила“ парите што ги добила како помош.
Ваквата акција Австралија ја оцени како невкусна, а министерката за надворешни работи Џули Бишоп упати закана дека австралиските туристи ќе ја бојкотираат Индонезија, ако нејзините државјани бидат ставени пред стрелачки вод.
Осудените Ендрју Чан и Мјуран Сукурман денеска повторно замолија да им се прости, наведувајќи дека ја научиле грешката направена пред 10 години. Тие понудија, ако бидат помилувани, до крајот на нивниот живот да бидат активисти за спречување на злоупотребата на наркотици.
Чан и Сукурман во 2005 година беа фатени на островот Бали во обид со група од уште седуммина да прошверцуваат повеќе од половина тон дрога.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.