За време на денешната посета во Битола министерката Канческа-Милевска оствари средба и со директорите на националните установи од областа на културата, како и со градоначалникот Талески, и ги најави најважните капитални проекти што ќе се реализираат оваа година во Битола.
– Оваа година, во согласност со проектот за обнова и конзервација на повеќе фасади со автентична стара градска архитектура во Битола ќе се работи на три значајни објекти, односно конзервација и реставрација на фасадите на државното музичко училиште, гимназијата и безистенот. Тоа се објекти со прекрасна автентична архитектура карактеристична за Битола и бидејќи надлежната инстуција ги изработи проектите, обновата на фасадите ќе почне во април – потврди Канческа-Милевска.
На средбата со новинарите министерката Канческа-Милевска истакна дека во НУ Завод и музеј – Битола ќе се работи на осовременување на четири археолошки депоа, проширување на музејската поставка, а во рамките на Проектот за зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџментот познат како „Шер-план“ поддржан од ЕУ, изработен е стратешки план и наскоро ќе биде промовиран.
– Значајно за Битола е и тоа што во завршна фаза се подготовките за донесување на законот за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење. Со овој закон ќе се уредат клучните прашања во поглед на заштитата на споменичната целина на старото градско јадро на Битола – истакна Канческа Милевска.
Националните установи од областа на културата со седиште во Битола и локалната самоуправа негуваат отворена, искрена и целосна соработка изразена низ различни заеднички активности и манифестации, посочи градоначалникот Талески на средбата со министерката Канческа-Милевска.
– Реставрацијата на фасадите на музичкото училиште, гимназијата и безистенот со поддршка од Министерството за култура за нашиот град се од исклучително значење. Во оваа прилика сакам да издвојам дека веќе договоривме со новоизбраниот директор на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола да биде отворена канцеларија на фестивалот која ќе работи 365 дена и која освен фестивалот, ќе врши промоција на проектот „Битола филмски град“, истакна Талески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.