Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), попладнево во зградата на Европарламентот во Брисел ќе има втора расправа за предлог-резолуцијата за Република Македонија, пренесува МИА.
Како што е познато, откако новиот известувач од ЕП, Словенецот Иво Вајгл, минатиот пат ја претстави предлог-резолуцијата за нашата земја, во однос на последниот прогрес-извештај, во која по деветти пат, европскио законодавен дом побара безусловно отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската унија. Сепак, во меѓувреме беа поднесени дури 296 амандмани за македонската Резолуција, од кои 150 се дело на грчко-бугарските европратеници во рамки на АФЕТ-групата.
Убедливо најмногу амандмани за предлог-резолуцијата за Македонија поднесе бугарскиот ултра-националист Ангел Џамбаски од партијата на Красимир Каракачанов, со 30 поднесени амандмани од вкупно 58 на пратениците во ЕП од Бугарија и речиси сите се негативни и содржат осуда на земјата. Зад Џамбаски на оваа листа кај бугарските европратеници е Андреј Ковачев од владејачката партија ГЕРБ на Бојко Борисов, со 17 амандмани, а трет е поранешниот премиер на Бугарија, Сергеј Станишев, кој достави 11 амандмани на македонската Резолуција во европскио законодавен дом.
Сепак, на ниво на земји-членки на Европската унија, Грција е убедлива во бројот на амандмани поднесени од нејзини европратеници бидејќи дури 92 амандмани на предлог-резолуцијата за Македонија се поднесени од страна на Грците, на кои ако се додадат 12 амандмани од страна на кипарските Грци (Елени Теохарус и Димитрис Пападакис), тогаш се доаѓа до бројка од 104 грчки амандмани на македонската резолуција. Марија Спираки од Неа демократија е водечки грчки европратеник со 18 амандмани, па по неа следуваат нејзиниот сопартиец Манолис Кефалојанис со 16 амандмани, па Никос Андрулакис (ПАСОК) со 14 амандмани, неофашистиот од Златна Зора, Елефтериос Синадинос (13 амандмани), Софија Сакорафа (СИРИЗА) – 14 амандмани, Милтидиас Киркос со девет амандмани и Јоргос Епитидејос од Златна Зора (8 амандмани).
Сите овие амандмани се целосно антимакедонски, што, зачудувачки, е поддржано и со рекордните 18 негативни амандмани на македонската Резолуција на Шпанецот од партијата на „Обединета Европска левица“ (ГУЕ/НГЛ), Хавиер Кусо Пермуј, што се коментира како поддршка на ставовие на сестринската партија СИРИЗА, која е сега на власт во Грција. Сериозно контра македонските ставови и позиции се и поголемиот дел од 13-те амандмани на поранешнио известувач за Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит.
Во поддршка на Македонија се 11 амандмани на романската европратеничка Моника Маковеј (ЕПП), како и на петте амандмани поднесени од хрватските европратеници Андреј Пленковиќ, Дубравка Шуица, Ивана Малетиќ, Маријана Петир и Давор Иво Штиер. Големиот број на амандмани на Унгарецот Тамаш Месериш и Словенецот Игор Шолтес (Група на зелени), како и дел од 14-те амандмани на Словакот Едвард Кукан. Известувачот Иво Вајгл, пак, поднесе десет амандмани со цел појаснување на својата предлог-Резолуција во неколку делови.
Во однос на содржината на амандманите, грчките европратеници најпрво реагираат на заклучоците на Европскиот совет, во кои се наведува потреба од решавање на прашањето за името. Пратеникот Милтијадис Киркос, заедно со Кефалојанис, Спираки и Сакорафа бараат исфрлање од предлог-резолуција дека треба да се земе предвид и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во врска со спроведувањето на Времената спогодба од 13 септември 1995 година.
Ултранационалистот од бугарската партија на Каракачанов, Ангел Џамбаски, пак, бара да се исфрли податокот дека Македонија е најнапредната од сите змеји-кандидати во однос на спроведувањето на европското законодавство и тој бара да стои дека „земјата забележала сериозен напредок во спроведувањето на законодавството на ЕУ“. Тој инсистира и да се избрише предлогот за отворање на поглавјата 23 и 24 во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво!
Грчките европратеници, пак, инсистираат воопшто да ја нема реченицата дека Македонија е земја со најголем напредок во усогласувањето со европското законодавство. Тие исто бараат да се исфрли предлогот на ЕП до Европскиот совет дека по шестата препорака на Еврокомисијата – земјата е подготвена да преговара со ЕУ.
Поранешниот известувач за Македонија од Европарламентот, Ричард Ховит, има амандман во кој предлага титулата „поранешната југословенска Република Македонија“ да се користи во насловот на извештајот, а за сите други препораки за името на земјата во текстот да се користат термини „нејзините“, „земјата“, „тоа“ и слични не-специфични термини. Насловот „Република Македонија“, по предлог на Ховит, не треба да се користи во текстот, но придавката „македонски“ да биде содржана.
– И ИПА фондовите да се користат како лост за многу поголема буџетска децентрализација во земјата, гласи опасниот предлог на Британецот Ховит.
Ховит, исто така, заедно со Бугарите Џамбаски и Ковачев се единствени кои поднесуваат амандман со кој ЕП ќе побара „да се нагласи важноста на прогресивно усогласување на политиката на земјата со позициите за надворешни работи на ЕУ, особено во врска со Русија и со Украина“.
Грчките европратеници, пак, исто така многу опасно, сакаат да се изземе податокот дека Европскиот совет го блокира процесот за почеток на преговори за членство на Македониј во ЕУ и бараат да стои дека „Советот ја задржал одлуката за отворање на преговорите“, а инсистираат и да се исфрли предлогот на ЕП дека „недостигот од прогрес во процесот на проширување на ЕУ може да предизвика сериозна цена за регионалната стабилност и кредибилитетот на ЕУ“.
Словакот Едвард Кукан смета дека додека последните осум години ЕП повикува на отворање на преговорите со Македонија и дека понатамошно одложување на отворање на пристапните преговори може да има негативно влијание на реформскиот процес во земјата и кредибилитетот на ЕУ во регионот.
Романката Моника Маковеј бара да се вметне дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за пристапните преговори со ЕУ. Унгарецот Тамаш Месериш и Словенецот Игор Шолтес, заеднички бараат Европарламентот да му посочи на Советот дека понатамошното одложување на почеток на преговорите за членство е дополнение на сé поголемата разочараност на македонското јавно мислење во врска со ќор-сокакот во процесот на интеграција во ЕУ и дека се ризикува да се влошат домашните проблеми и внатрешната тензија. Тие инсистираат да не се загуби моментумот на про-европските реформи во Македонија.
Хрватските европратеници Пленковиќ, Штиер, Малетиќ, Петир и Шуица, пак, единствено се обидуваат да ја исправат “грешката” на известувачот Вајгл кој во предлог-Резолуцијата на ниту едно место не ја употреби придавката “македонски”, иако се содржи во прогрес-извештајот на Еворпската комисија врз чија основа се гради Резолуцијата на Европскиот парламентот. Хрватите го охрабруваат формирањето на прекуграничната соработка во областа на историјата, културата, образованието и промоција на европските вредности што го поддржуваат напорите за демократски промени.
– Го поздравуваме фактот дека македонската Влада достави податоци за рекламите на владата, кои се јавно достапни и повикуваме да се обезбедат појасни податоци за критериумите што се користат во распределбата на финансиските средства. Забележуваме дека судските пресуди за тврдењата за клевета се релативно ниски на број и се релативно конзервативни во нивното доделување на обесштетување, исто така препорачуваат петмината хрватски европратеници.
Тие уште во еден случај се обидуваат да протуркат нешто „македонско“ во Резолуцијата на ЕП, па во амандман 288 – „го поздравуваат претстојното претседавање со Централно-европската иницијатива на Македонија“.
Како парадоксален амандман е повикот на неофашистот од Златна Зора, Елефтериос Синадинос, кој бара ЕП да ги осуди “пројавените форми на национализам и да ја изрази својата загриженост во врска со активностите на лицата кои се блиски до Владата и до националистичките групи”!
На 29 минатиот месец беше последен рок за поднесување на пишани амандмани за македонската Резолуција во ЕП, за која Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) ќе расправа попладнево, кога е можно поднесување на орални амандмани, што се најавува поради случувањата во Македонија во однос на случајот „Пуч“. Гласањето во рамки на АФЕТ-групата за Резолуцијата за Македонија е закажано за утре, додека на пленарна седница на Европарламентот во Стразбур на 1 март, европскиот законодавен дом и официјално ќе ја усвои Резолуцијата за нашата земја за 2015 година.
Резолуциите за земјите-кандидати што ги носи Европскиот парламент, а кои се носат во однос на прогрес-извештаите на Европската комисија, немаат никаква правна основа и истите служат само како политичка порака до Брисел и самите држави на кои се однесува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.