| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Хан не дојде со волшебно решение, туку со јасна порака до сите

Еврокомесарот Јоханес Хан не дојде во Скопје со свој план или волшебно  решение, туку со јасна порака дека сите во Република Македонија имаме одговорност процесите да се одвиваат во рамки на соодветните демократски институции.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски во одговор на новинарско прашање по денешната средба со неговиот црногорски колега Игор Лукшиќ во Скопје.

Тој посочи дека Европската комисија и комесарот Хан очекуваат политичка  зрелост од сите чинители во земјава.

– Тоа значи препознавање на институциите, односно она што е политички дијалог треба да се одвива во политичките институции конкретно во парламентот, а тоа што е правно прашање треба да се одвива во рамки на институциите на правниот систем и таму да добие свој тек. Порано или подоцна  мора да постои свест дека сите политички чинители ќе имаат одговорност за дијалог во Собранието на Република Македонија и тука нема никаква алтернатива. Мислам дека е порака да работиме во тој правец, а се друго е прашање на време, рече Попоски.

Министерот за надворешни работи прецизира дека во овој момент не се планира посета на Брисел и средба со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

– Според согледувањата кои јас ги знам, в четврток во Брисел нема да има средба меѓу премеирот Никола Груевски и Јункер. Ние имаме секојдневна комуникација и се разменуваат размислувања и видувања по однос на ова прашање, но комесарот Хан беше тука само пред неколку дена. Мислам дека она што го имаме како комуникација е сосема доволно во овој правец и не мислам дека ќе се случи такво нешто барем според она што јас го знам во моментов, што не значи дека нема да се случи во иднина, одговори Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top