Американскиот Стејт департмент ја поздрави одлуката на Албанија да прими 210 припадници на организацијата Народни муџахедини на Иран (МЕК), кои престојуваат во бегалски кампови во Ирак. МЕК е најголема вооружена група која се бори против режимот на Иран од своите бази во камповите за иранските бегалци во соседниот Ирак.
Од 1997 до 2004 година САД ја сметаа МЕК за терористичка организација поради напади врз Американци, но и врз ирански цели на американска територија. Од 2004 година, САД веќе не ја гонат организацијата, која дури често закупува рекламен простор на американските медиуми и бара помош да се наметне како пријателски ориентирана власт во Иран. Властите на Ирак решија да го затворат кампот Ашраф, кој со 3.000 жители е еден од најголемите бегалски кампови на МЕК во пограничниот реон меѓу Иран и Ирак. Причината беа честите судири меѓу ирачките безбедносни сили и вооружените единици на МЕК кои функционираа во кампот. Најголем дел од жителите се привремено сместени во друг бегалски камп во Ирак, а САД бараат од своите сојузници да примат дел од семејствата во кампот Ашраф, при што Албанија се согласила да прими вкупно 210 жители.
– Веруваме дека трајното населување на жителите на Ашраф надвор од територијата на Ирак е единственото одржливо решение. Ѝ благодираме на Владата на Албанија на широкоградата поддршка да прими 210 поранешни жители на кампот Ашраф и му благодариме на премиерот Сали Бериша за овој хуманитарен гест. Го повикуваме раководството на МЕК веднаш да ја прифати хуманата понуда на Владата на Албанија – изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Викторија Нуланд.
Ова е не прв случај Албанија да прифати американско барање за прием на лица што порано биле сметани за терористи и на кои им се заканува прогон. Во 2006 година Албанија се согласи да прими пет припадници на муслиманската заедница Ујгури од западна Кина, кои беа заробени од страна на американската армија и држени како осомничени исламисти во базата Гванатанамо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.