Министерството за внатрешни работи ги идентификувало лицата што во саботата, во 3 часот утрината, учествуваа во сериозен инцидент, во кој едно лице беше повредено во штипската дискотека „Мистик“.
Според информациите, 22-годишно момче од Штип во полиција пријавило дека било нападното и претепано од страна на 26-годишниот М.Н., син на сопственикот на „Брилијант“, со кого биле уште неколку лица. Таа вечер во дискотеката бил и синот на Бранко Црвенковски, но каква е неговата инволвираност во инцидентот сѐ уште не е познато официјално.
Напаѓачите на момчето, покрај ударите со тупаници и клоци, во еден момент почнале да фрлаат со чаши и шишиња предизвикувајќи страв и несигурност кај присутните во дискотеката. Заедно со напаѓачите, според неофицијалните информации, биле уште две лица со прекар Пушка и Мартадела.
Полицијата сите вклучени во инцидентот ги повикала на разговор во полициска станица, по што веќе е утврдено како дошло до насилството.
Од МВР засега нема официјални информации и детали за случајот. Она што е познато е дека по целосното расчистување и документирање на случајот против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
За време на викендот се случиле уште два инциденти во Штип, во кои, според пишувањето на медиумите, како учесник во едниот и очевидец во другиот повторно се јавува името на Љупчо Црвенковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.