
Група Индијци силувале 35-годишна Нигеријка во автомобил во главниот град Њу Делхи, соопшти полицијата.
Ова е најнов случај во овој тип брутални насилства врз жените во Индија.
Жената во бесознание била пронајдена крај куќички за изнајмување во источниот дел од Њу Делхи и веднаш била пренесена во болница. Неа насила ја ставиле во автомобил четворица мажи, ја силувале а потоа ја исфрлиле на улица, соопшти полицијата.
Медиумите пишуваат дека станува збор за туристка од Нигерија, а дека на снимки од надзорни камери се гледа како жената е исфрлена од автомобил, кој подоцна полицијата го запленила.
На почетокот од јануари индиската полиција уапси пет мажи осомничени за грабнување и групно повеќекратно силување на 23-годишна Јапонка која била во туристичка посета на Индија.
Овие последни случаи на групно, и воопшто силување во Индија, повторно ја разбранува тамошната јавноста и укажа повторно на несигурноста на жените во Индија, најбројната земја на светот со демократско уредување.
Од 2012 година редовни се масовните протести против законите кои се сметаат за благи за силувачите, па дури тие и се ослободуваат, откако група мажи во 2012 година ја силуваа студентката од Њу Делхи којашто подоцна им подлегна на повредите. Голем дел од јавноста бара од властите да сторат повеќе за да се искорени практиката да не се казнуваат силувањата.
Во Индија секои 22 минути е силувана една жена, и тоа според официјалните податоци, но невладините организации сметаат дека станува збор за уште пострашен биланс.
Полициските податоци покажуваат дека минатата 2014 година биле пријавени повеќе од 2.000 силувања само во главниот град Њу Делхи, што е за 30 отсто повеќе отколку во текот на претходната 2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


