| четврток, 6 декември 2018 |

Куп на Македонија: МЗТ Скопје во одбрана на титулата тргнува против Кожуф

Викендов во СЦ „Јане Сандански“ се игра завршницата од кошаркарскиот Куп на Македонија.
Полуфиналните двојки ги сочинуваат МЗТ Скопје – Кожуф и Работнички – Куманово.

KFM Kup 2015 (3) (Custom)

По добивањето на пехарот во трајна сопственост за минатогодишната освоена титула, капитенот на „металците“, Урош Лучиќ, вети голема битка за потврда на квалитетот на тимот и освојување на уште еден трофеј за клубот и приварзниците.

МЗТ тргнува во одбрана на титула од минатата година против Кожуф, натпревар кој се игра в сабота во првиот термин закажан за 17 часот.

KFM Kup 2015 MZT (Custom)

– Одбраната на трофејот од минатата година е наша обврска и овој викенд. Продолжување на традицијата која трае три години е мотивот кој го имаат сите играчи во нашиот тим. Играме против Кожуф, тим што смени доста играчи како и тренер во однос на првиот дел од сезоната. Играме пред своја публика и тоа е дополнителна обврска за нас. Тоа е дополнителен психички притисок врз нас, но ние знаеме да се носиме со тоа. Сите екипи од македонското првенство имаат дополнителен мотив кога играат против нас. Ветувам дека ќе одиграме максимално сконцетрирано и ќе се пласираме во финалето, а потоа и ќе го освоиме купот – изјави капитенот на МЗТ, Урош Лучиќ.

Тренерот на МЗТ, Александар Јончевски, истакна дека Кожуф е силна екипа, која добро е анализирана, и дека сите играчи веруваат во успех.

– Сите во тимот веруваат дека се добро подготвени за одбраната на трофејот од минатата година. Одигравме неколку добри партии во серија, како и против Работнички пред два дена. Сега веќе размислуваме само на Кожуф. Имаат девет победи во серија во БИБЛ-лигата, и тоа не е за потценување. Имаат квалитет, но верувам во успех на мојот тим – изјави Алексадар Јончевски.

KFM Kup 2015 Kozuf (Custom)

Милош Пејиќ, новиот тренер на Кожуф, добро знае против каква екипа ќе настапи неговиот тим в сабота.

– Купот е специфично натпреварување во кое се нема право на поправен испит. Тие 40 минути значат пласман во финалето. Не треба да потенцирам за каков противник се работи. МЗТ Скопје е неприкосновен во последните три години во македонската кошарка. Имаме проблеми со неколку играчи кои се пожалија на повреди како и промени во играчкиот ростер, но тоа не е оправдување да не пружиме добар меч – објасни стратегот на Кожуф Милош Пејиќ.

Капитенот на екипата од Гевгелија, Миладин Пековиќ, е свесен дека  неговиот тим не смее однапред да се предаде.

– Не планираме однапред да се предадеме и да излеземе на теренот со бело знаме. Играме против главниот фаворит за титулата. Голема чест е да се игра на завршниот турнир што докажува дека сме една од најсилните екипи во Македонија. Ќе сториме сѐ за да се пласираме во финалето. Ги повикувам и нашите симпатизери да дојдат во Скопје и да нѐ подржат во битката – додаде капитенот на Кожуф, Миладин Пековиќ.

Кожуф оваа година веќе успеа да го совлада утрешниот голем ривал кога славеше во македонското првенство на домашен терен со 73-64.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top