Во 2014 година Локомотива-Центар за нови иницијативи во уметноста и културата од Скопје ја започна соработката со АПАП преку кој има цел да го поддржи развојот на македонска продукција во полето на современите изведувачки уметности преку креирање на услови и професионален контекст за работа на современи македонски уметници.
– Во рамките на оваа соработка, една од продукциите која ќе се развива како дел од две меѓународни резиденции е делото Madness runs in the family (Што е „перфоранс“ бе бабе?) на авторите Драгана Заревска и Александар Гергиев. Првата резиденција се реализира во Студенскиот центар при Универзитетот во Загреб, Хрватска од 19 до 27 фебруари. Втората резиденција ќе се реализира во културниот центар Буда од Кортријк, Белгија, од четврти до 16 мај. Во рамки на резиденциите уметниците ќе имаат можност да го развиваат делото во соработка со признати драматурзи од регионот и Европа. На крајот на резиденциите уметниците ќе имаат јавни презентации пред тамошната професионалана и поширока публика – соопштуваат од „Локомотива“.
“Што е „перфоранс“ бе, бабе?” е платформа за иницирање на семејни соработки во сферата на изведувачките уметности помеѓу Александар Георгиев и Драгана Заревска, инспириран од колаборативните перформанси на Георгиев со неговата мајка и татко кои започнаа во 2013 г. Како што лудилото или убавината можат да бидат наследни, веројатно така и потребата за изведување е наследна, но само еден или двајца од семејството да се свесни за тоа. Другите можеби не ги разбираат изведувачките уметности, или пак им се здодевни, мртви, интелектуализирачки, далечни, премногу несериозни за да би биле вистинска работа, убави но бесмислени, тешки за телото и слично.
Заревска (1985. Македонија) е визуелна уметница. Завршила филмска режија на НБУ (Софија, Бугарија), а магистрирала Комуникации на ИСППИ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Работи како уметник во резиденција во центарот за продукција на изведувачки уметности во повеќе европски градови. Изведува танц претстави на Изабел Шад (Германија), Ана Кох (Шведска) и Ребека Шентинел (Шведска). Од 2011 заедно со уметницата Јасна Димитровска работат под псевдонимот Ефемерки. Компонира музика и настапува под псевдонимот Телемама.
Георгиев (1985, Македонија/Шведска) е кореограф и изведувач. Се образува во Софија на одделот за Танцов театар во рамки на Нов Бугарски Универзитет (2004-2008), а потоа и на неколку неформални образовни програми. Во 2014 магистрира на програмата за кореографија на ДОЦХ во Стокхолм. Од 2008 се занимава со истражување на интензитети, а од 2014 во фокус на неговите дела се семејните констелации.
Резиденциите во Загреб и Кортријк се поддржани од европската мрежата АПАП како дел од европскиот проект за унапредување на изведувачките уметности поддржан од Програмата Култура на Европската Унија, како и партнерите Студентски град – Универзитетот Загреб, Хрватска и културниот центар БУДА, од Кортријк, Белгија.
Во рамките на соработката помеѓу Локомотива и европската мрежа АПАП се реализираат вкупно шест уметнички резиденции.
Првата од нив беше реализирана во Берлин, Германија во 2014 година, во соработка со Танзфабрик и Уферстудиос од Берлин, која им овозможи на уметниците Климент Попоски и Викторија Илијоска да работат на развој на своја нова продукција.
Во 2015 година следат уште пет резиденции, од кои најавените две резиденции на Драгана Заревска и Александар Георгиев во Загреб и во Кортријк, а се ќе се остварат уште три меѓународни резиденции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.