Преку конкретно изработен проект Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид до крајот на 2013 година ќе изврши реконструкција и санација на Мустафа Челебината џамија во Струга.
Од оваа национална установа информираат дека голем број од објектите што биле прогласени за споменици на културата веќе не постојат или на нивно место се изградени нови објекти. Поради тоа, велат оттаму, неопходна е заштита на постојните значајни културни добра, меѓу кои е и џамијата во Струга.
– Интензивно се работи на изработка на проектите за реконструкција и санација на џамијата, оние делови кои останаа ќе бидат санирани. Останатиот дел што беше урнат ќе биде реконструиран и се надеваме дека во иднина нема да имаме вакви проблеми – истакнува директорката на Завод и музеј, Тања Паскали-Бунташеска.
Од Заводот и музеј во Охрид појаснуваат дека минатата година џамијата била бесправно урната бидејќи била прогласена за поединечно заштитено добро.
– Џамијата, дефинитивно, беше бесправно урната. Значи ние ја прогласивме за поединечно заштитено споменично добро, меѓутоа и покрај тоа што ја прогласивме веројатно тогашното раководство од муфтивството одлучи дел од џамијата да биде урнат за да се направи поголема и поубава. Ние ги презедовме сите активности, тогаш пријавивме и до МВР и до Државен градежен инспекторат, до Управата за заштита на културното наследство и така успеавме барем најстариот дел од џамијата да го сочуваме несрушен – додава директорката Тања Бунташеска-Паскали.
Мустафа Челебината џамија во Струга датира од шеснаесеттиот век и еден од најстарите споменици на културата во струшкиот регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.