Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која учествува на самитот за искоренување на екстремизмот, кој се одржува во Вашингтон, изјави дека 14 македонски државјани досега биле убиени во борби во Сирија, што е загрижувачки податок.
– Несомнено, сите тие лица што барем еднаш биле во кризните подрачја и потоа се вратиле во нивните матични држави, или отишле во некоја друга држава, се потенцијална опасност за ширење на радикалните идеи. Најчесто тие се и мотивирани од тоа што го виделе таму, дел од нив се и воено обучени што значи веќе имаат одредени знаења и вештини штотие сметаат дека се соодветни за натамошно учество во други кризнаи региони. Ваквите лица претставуваат потенцијална опасност и за Република Македонија, особено ако се земе предвид фактот дека и покрај тоа што никој во светот нема официјална статистика по однос на оваа проблематика, сепак бројката од 14 загинати лица со потекло од Република Македонија е факт што нас доволно не загрижува дека и во Република Македонија има лица што се решаваат да заминат на боиштата во кризните региони, дел од нив повремено и се враќаат и ја шират идејата и условно речено привлекуваат други млади луѓе кои се заведени од една таква идеја – изјави Јанкулоска за МРТ.
Средбата, под покровителство на американскиот претседател Барак Обама, беше свикана како одговор на се подраматичните злосторства кои се вршат на Блискиот Исток, во Сирија, Ирак и Либија, од страна на терористичките групи како Исламската држава на Ирак и Сирија. Македонија на самитот ги истакна своите мерки за спречување на македонски државјани да заминат да се борат на страната на Исламиската држава.
– Странските борци што се враќаат дома се закана за безбедноста и на Македонија – оцени министерката Јанкуловска пред претставниците на 60-ина држави, додавајќи дека македонското општество превентивно ќе работи со верските лидери за да се спречи радикализирањето на младите муслимани. Македонија, подвлече, донесе и законски измени со кои учеството во странски воени операции се прогласува за кривично дело.
Борбата против насилниот екстремизам мора да започне од дома, родителите на странските борци се најдобри сојузници во таа борба, а невладините организации, жените и верските лидери со спречување на терористичката пропаганда преку социјалните мрежи мора да ги поддржат напорите на коалицијата за спречување на нови терористички напади, се дел од заклучоците на самитот.
На самитот, покрај Обама, се обратија и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, американскиот државен секретар Џон Кери, Федерика Могерини, која ја раководи со европската надворешна служба и други светски лидери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.