| четврток, 6 декември 2018 |

Дино Мерлин ќе донира 300.000 денари на Интензивната нега на Детската клиника во Скопје (видео)

Во трговскиот центар „Рамстор“ денеска босанскиот пејач Дино Мерлин го најави својот концерт во Скопје, кој ќе се одржи на 28-ми март во салата „Борис Трајковски“, каде ќе го промовира својот нов албум „Хотел Национал“. „11 песни 80 градови“- е слоганот под кој се одвива големата турнеја на Дино Мерлин, кој доаѓа во Скопје по Љубљана, каде што за Денот на вљубените направи своевиден спектакл за кој картите беа експресно распродадени. Пред македонската публика ќе го промовира својот најнов албум, „Хотел Национал“, официјално излезен на 20 јуни 2014 година, премиерно ќе ги слушнеме новите 11 песни, а на репертоарот покрај „Школка“, „Ружа“, „Ундо“, „Сунце“…, ќе се најдат и старите хитовите по кои е препознатлив Мерлин.
-„Хотел Национал“ го работев шест години на различни дестинации во светот. Многу сум горд на него, иако човек што пишува песни секогаш мисли дека песните му се нешто посебно, но тоа е нормално. Да не е така немаше ни да пишувам“, изјави Мерлин. Тој со концертот во Љубљана отвори нов циклус од турнејата – гостување во големи арени и на стадиони. „Голема продукција, нов уметнички директор, нешто што го посакував одамна, да бидам нов… Секој концерт ќе биде чекор понатаму“, вети Мерлин, додавајќи дека неговото проклетство е тоа што никогаш не е задоволен, но секогаш работи и се труди да биде уште подобар.
Тој рече дека престојот во Скопје го искористил за да го разгледа Скопје, да прошета по неговите улици, но и со жалење констатираше дека токму во ова Скопје повеќе го нема неговиот долгогодишен пријател, Даниел Милошоски кој редовно го пречекувал на аеродром кога пристигнувал во Скопје.
Босанскиот пејач и неговиот менаџмент, без оглед на продадените влезници, одлучија да донираат 300.000 денари на Интензивната нега на Детската клиника во Скопје.


 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top