В петок, на 20 февруари, во рамките на културната манифестација „Велес – Град на културата 2015“, македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев ќе одржи концерт во новиот објект на Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес, со почеток во 20 часот.
Концертот насловен како „Сон. Верба. Љубов“ е длабоко емотивно звуковно патешествие до срцевината на нашата традиција и културна разновидност. Комбинација на авторска, филмска музика („До Балчак“, „Сенки“, „Војната заврши“) и изворно македонско творештво кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, збогатена со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13 век, Џелалудин Мевљана Руми.
Покрај Дуке Бојаџиев на пијано, на концертот ќе настапат Исмаил Лумановски на кларинет и актерот Васил Зафирчев како наратор.
Билетите се веќе пуштени во продажба по цена од 150 денари на билетарницата на новиот театар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.