| четврток, 6 декември 2018 |

„Предложете сообраќајна контрола“ повторно во функција

полиција

Проектот „Предложете сообраќајна контрола на веб-страницата на МВР“, кој поради технички проблеми во изминатиот период не функционираше, повторно е ставен во функција. Граѓаните на интернет-страницата на Министерството, со кликање на банерот со слика од проектот, секојдневно ќе можат да пријават неправилности на одредени улици на кои често биле сведоци.

– Потребно е граѓаните само да ни ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележале овие појави, без разлика дали станува збор за брзо возење, некакви трки, непрописно паркирање или други непочитувања на сообраќајната сигнализација и законски обврски. Нивната забелешка веднаш се проследува до Секторот за сообраќај од каде што во најкус можен рок се изработува план за вршење контрола во однос на информацијата доставена од граѓаните. По завршувањето на контролата, повратно ги известуваме граѓаните за преземените мерки, констатираната состојба и изречените санкции – посочуваат од МВР.

Од стартувањето на проектот лани на 28 јули па сè до денес, на ниво на државата пристигнати се вкупно 302 барања од граѓани, а постапено е по 218 барања или 72 отсто, на кои е одговорено повратно до меилот на испраќачот.

– По сите 218 реализирани предлози за сообраќајна контрола, преземени се вкупно 842 мерки од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата најчести прекршоци за кои се преземени мерки се – забрането запирање и паркирање, непочитување на светлосни сообраќајни знаци, употреба на мобилен телефон, возење без вклучена светлина, со брзина над дозволената, непрописно пристигнување, употреба на нерегистрирано возило, неносење заштитен шлем, недозволено престројување на крстосница, казни за возачи почетници, некористење на безбедносен појас, управување на возило под дејство на алкохол и друго – велат од МВР.

Како покарактеристични случаи, односно случаи за кои добиле најмногу пријави ги посочуваат: неправилно паркирање пред кафе-бар на улицата „Илинденска“, за недозволено полукружно свртување кај влезот на Државна болница и за ноќните трки на „Партизанска“. Токму на овие локации сообраќајната полиција многу често вршеше контрола и ги констатираше прекршоците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top