| четврток, 6 декември 2018 |

Прокопис Павлопулос е нов претседател на Грција

prokopis

Со 233 гласа „за“, десноцентристичкиот политичар Прокопис Павлопулос вечерва е избран за нов претседател на Грција, јави дописникот на МИА од Атина.

Вкупно 30 од пратениците, односно претставиците на „Потами“ и ПАСОК, гласаа за нивниот кандидат, професорот по уставно право Никос Аливизатос, а 32 пратеници беа воздржани.

Согласно изборниот закон, пратениците можат да гласаат „за“ некој од кандидатите, да се воздржат или воопшто да не присуствуваат на седницата. Гласањето е поединечно. За да биде избран во првиот круг, кандидатот треба да освои 180 гласа во Парламентот кој има 300 членови.

Прокопис Павлопулос ќе стапи на должност на 13 март, односно еден ден по истекот на мандатот на актуелниот грчки претседател Каролос Папуљас.

Павлопулос (64) е професор по уставно право на Атинскиот универзитет, искусен десничарски политичар од таборот на најголемата опозициска партија Нова демократија. Тој беше министер за внатрешни работи од 2004 до 2009 година, а до 1995 година беше и правен советник на грчкиот претседател Константинос Караманлис. Кон крајот на 80-тите години, бил и министер за медиуми.

Номинацијата на Павлопулос беше големо изненадување во Грција, затоа што се очекуваше за претседателската функција да биде кандидиран еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос. Повеќето аналитичари сметаа дека тоа ќе и дадеше можност на владејачката Сириза да испрати свој човек на местото на Аврамопулос во Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top