Вистински празник за кошарката денеска. Во СЦ „Јане Сандански“ беше одиграно вечното дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички.
По немилите сцени во првиот овосезонски натпревар во „Градски парк“ кој беше прекинат од страна на судиите, второто дерби се одигра во крајно коректен натпревар меѓу актерите на теренот, но и на трибините меѓу навивачките групи Фемили Аеродром и Сити Парк Бојс.
Нијанси одлучуваа за победникот кој овој пат е МЗТ Скопје со 78-71.
Натпреварот започна со водство на Работнички се до четвртата минута од 8-2, кога „металците“ ја преземаа играта во свои раце, со цврста игра во одбраната и неколку прецизни удари зад линијата зад три поени на репрезентативецот Марко Симоновски кој натпреварот го заврши со 14 поени дојде до опиплива предност во втората четвртина од 14 поени (35-21).
Тренерот на МЗТ Александар Јончевски добро ја прочита играта на неговиот колега од спротивната страна Марјан Србиновски со агресивна игра пред се над носителите на играта на Работнички и со чести ротации во составот заслужено го одведе својот тим на полувремето со 11 разлика (39-28).
Во вториот дел односно во третата четвртина сосема друга слика на теренот. Играта на најтрофејниот колектив во нашата држава ја разигра ветеранот Димитар Мираковски кој со неколку влезови или реализираше или додаваше за сигурни поени на неговите соиграчи. Тоа резултираше со целосно израмнет натпревар по крајот на третата четвртина од 53-53.
Сепак во последниот период работите дојдоа на свое место за играчите на МЗТ. Повторно со неколку брзи контри и реализација од втор обид по офанзивен скок, пред се на репрезентативецот Предраг Самарџиски кој заедно со Марко Симоновски И Урош Лучиќ беа најефикасни во својот тим со 14 поени дојде опиплива предност која беше доволна за победа. Самарџиски имаше дабл-дабл учинок. На 14 поени додаде и 11 скокови. Цветковиќ додаде 11 коша.
Во таборот на Работнички центарскиот двоец Гечевски-Чековски комбинираше 34 поени од кои 19 беа Ѓорѓи Чековски, а солиден натпревар одигра и Дарко Соколов со 10 коша.
Следниот натпревар меѓу овие два клуба може да се случи веќе в недела во финалето од купот во истата оваа сала доколку во полуфиналето МЗТ го победи Кожуф и Работнички слави победа над Куманово.
(фото: Игор Ангеловски)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.