– За ОБСЕ прашањето на стабилноста на регионот и на Македонија е од огромно значење и треба да се употребат сите расположливи капацитети во таа насока – изјави актуелниот претседавач на ОБСЕ и шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
– ОБСЕ е организација која се занимава со три димензии – военополитичката и безбедносната, втората е економска и третата се однесува на прашањата за човековите права и демократските институции, прашања на националните малцинства, за дискриминација итн. Многу е важно да се следи имплементацијата на она што е направено и што треба да се направи во однос на имплементацијата на Охридскиот договор. ОБСЕ е подготвен да понуди своја добра волја да посредува посебно во овие политички прашања доколку се разбира постои такво прашање и потреба за тоа од земјата домаќин – изјави Дачиќ на прес-конференцијата по средбата со премиерот Никола Груевски.
Според него, многу е важно прашањето на европската и регионалната безбедност, посебно во овој наш регион, во овој дел на Европа, вклучувајќи го се разбира и прашањето на стабилноста на Република Македонија.
– Треба да се направи максимален напор да се отстранат сите проблеми коишто можат дополнително да ја искомпликуваат ситуацијата. Се разбира, треба да се решаваат и проблемите коишто се најголеми и коишто ги кочат евроинтеграциите. Треба отворено да се занимаваме со тие прашања и меѓународната заедница да заземе малку поактивен став – вели Дачиќ.
Според него, европската перспектива доколку е отсутна од агендата на една држава престанува да биде мотивациска. Затоа, додава, ОБСЕ ќе продолжи и понатаму со чекорите кои ќе значат исклучиво помош за земјите во кои органзиацијата има мисии.
Одговарајќи на новинарско прашање за случајот „Пуч“, тој рече дека од аспект на претседавач на ОБСЕ важно е да се дознае целата вистина и за тоа прашање отворено да се разговара во државата.
– Немам информации кои би ми ги објасниле правните околности за тоа прашање. Она што е од интерес како претседавач на ОБСЕ е за тоа да се дознае целата вистина и за тоа прашање отворено да се разговара во вашата држава во рамки на вашите органи. Едноставно таквите активности би можеле да доведат до некои нестабилности коишто мора да ги спречите и затоа имате одговорност како да реагирате на таква ситуација. Што се однесува до мене, тоа е суштинско прашање како некој во една држава може да ги прислушкува најважните државни функционери. Дали е тоа неовластено или овластено. Ако е неовластено се знае што се прави во таков случај. Друго е прашањето кои биле целите и јас во тоа не сакам да навлегувам, но тоа не е добар пат – рече Дачиќ.
Запрашан дали овој случај и моменталната ситуација во Македонија спаѓа во мандатот на ОБСЕ, Дачиќ одговори потврдно.
– Сето тоа припаѓа во доменот на активности на ОБСЕ затоа што тоа прашање кое припаѓа на сферата на владеење на правото и човековите права и слободи. Доколку има таква потреба ОБСЕ е подготвен да посредува да се дојде до најдобрите решениј – истакна Дачиќ.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски изрази задоволство што регионалната соработка е високо на агендата на српското претседавање со ОБСЕ, особено што Србија добро ја познава ситуацијата во регионот. Покај изразената македонска поддршка на проектите на ОБСЕ во однос на зајакнување на регионалната соработка, на прашањата поврзани со борците во странство и со разрешување на ситуацијата во Украина, Попоски рече дека станало збор и за улогата на ОБСЕ во Македонија.
– Ја цениме улогата на мисијата на ОБСЕ во Македонија во поддршката на реформските процеси во повеќе области кои се поврзани воедно и со нашата европска интеграција. Во таа смисла разговаравме и за натамошни чекори во оваа соработка со ОБСЕ во сите области кои го покриваат неговиот мандат – рече Попоски, подвлекувајќи дека Македонија има одлична соработка и со сите институции во рамки на ОБСЕ како ОДИХР, претставникот за слобода на медиуми, високиот комесар за национални малцинства и други.
Дачиќ во рамки на посетата на Македонија се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, а се очекува попладнево тој да се сретне и со вицепремиерот Муса Џафери и министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски