| четврток, 6 декември 2018 |

Рекордни 321 поен на олстар-меч, Запад – Исток 163-158

Рекордни 321 поен беа постигнати на олстар-мечот меѓу западната и источната конференција, а победата им припадна на кошаркарите од Западот во НБА- лигата со 163-158. Расел Вестбрук го доби признанието за најкорисен играч на натпреварот што мина во фестивалска атмосфера и со многу атрактивни потези од двете страни.

Вестбрук постигна 41 поен, само еден помалку од најдобриот ефект во историјата на овие натпревари во сопственост на легендарниот Вилт Чембрлен.

NBA All-Star Game 2015

Дуелот почна симболично со потфрлање на топката за браќата Пау и Марк Гасол, кои играа на спротивните страни. Расел Вестбрук, кој поради повреда не играше на ланското издание, од почетокот најави блескава вечер. Постигна рекордни 27 поени во првото полувреме, а во еден момент при забивање удри со главата во таблата, но продолжи да игра во фантастичен ритам. Поддршка стигна и од Џејмс Харден со 29 поени и од Крис Пол, кој забележи одлични 15 асиситенции.

На спротивната страна расположен за атракции беше Леброн Џејмс со 30 поени и веројатно најатрактивното забивање на вечерта во Њујорк. Кајл Корвер од Атланта хоукс, екипа што имаше најмногу претставници на олстар- мечот (четири), постигна 21 поен и 7 тројки од 12 обиди.

Бекот на „јастребите“ помогна да се урне рекордот по број на тројки, и тоа убедливо. Беа постигнати 48, со што се надминаа ланските 30 тројки. Со 321 поен на мечот, ова беше најефикасниот олстар, поминувајќи ја ланската граница од 318 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top