| четврток, 6 декември 2018 |

Отказ за двајца, а парични казни за 17 вработени во МВР

поли

Во текот на минатата недела по спроведена дисциплинска постапка, донесени се решенија против 24 вработени во Министерството за внатрешни работи поради сторени повреди во работењето. Двајца вработени добиле отказ, на 17 вработени им е изречена парична казна, на тројца вработени им е изречена мерка запирање на постапката, еден вработен бил писмено предупреден, а еден е распореден во пониско звање.

На Џ.С. командир полициското одделение Групчин, му е изречена мерка парична казна бидејчи постапувал спротивно на правилата и прописите на Министерството, а на Г.С. самостоен инспектор Единица за јавен ред и мир му е изречена мерка „писмено предупредување“. Тој со службено возило отишол дома, наместо да го врати во полициска станица.

Б.Н., виш инспектор за недозволена трговија со дрога и оружје во Радовиш му е изречена парична казна за недолично однесување за време на обезбедување на фудбалски натпревар.

Н.Ш. виш инспектор за општ криминалитет во Струга добил парична казна бидејќи не превзел мерки за пронаоѓање на одземеното возило, пронаоѓање и фаќање на сторителот и навремено не го известил основното јавно обвинителство.

И.И., помлад инспектор за општ криминалитет во СВР Куманово добил отказ бидејќи не постапувал по барања на основното јавно обвинителство и вештачењата за предметите не ги доставувал во законски предвидениот рок.

На Г.А., самостоен инспектор во Прифатен центар за странци во Регионалниот центар за граничен реон Север му е изречена мерка „парична казна“ бидејќи одбил да изврши задача дадена од непосреден старешина. Д.Р., полицаец од полициската станица Бит Пазар добил парична казна бидејќи му го украле формациското оружје.

На З.А. и С.З. полицајци од полициската станица од Свети Николе им е изречена парични казни бидејќи го напуштиле позорниот реон.

На Б.С., виш инспектор и Г.П. инспектор, двајцата од Канцеларија за криминалистички работи им е изречена парична казна затоа што не се ангажирал во работењето и доцнел на работното место).

Т.Т. полицаец за обезбедување на објекти добил парична казна бидејќи омаловажувал полициски службеници при превземање на службени дејствија и бил под дејство на алкохол за време на работа.

Постапката е запрена бидејќи нема повреда на работното место за Д.П. началник Одделение за извештаи за сообараќајни незгоди изречена му е мерка „запирање на постапката“.

На полицаецот А.М. од Струга му е изречена мерка „парична казна“ бидејќи внел невистинити податоци во Записник за извршен увид на лице место.

Ш.М и Г.Б. полициски службеници во ПС за ГП Ќафасан им е изречена мерка „парична казна“ бидејќи при извршена контрола било консатирано дека оружјето не им било чисто. И охридскиот полицаец Т.П. се здобил со парична казна за истата повреда.

Запрена е постапката за И.И. полицаец администратор-ракувач во ПС ОН Делчево, а на М.Г. Помошник дежурен во истата полициска станица му е изречен отказ бидејќи неоправдано отсуствувал од работа три последователни дена.

На Ш.Ф. командир на ПО Теарце му е изречена парична казна бидејчи не дошол на работа и не го оправдал отсутсвото.  Џ.С. командир на ПО Групчин е распореден еден степен пониско бидејќи без да изврши контрола ги потпишувал списоците за реализирани часови, иако на дел од полициските службеници им биле впишани повеќе часови по основ на сменско работење.

Дисциплинската постапка за Н.Н. полицаец во ПО Ростуше е запрена, додека РП командир на ова полициско одделение добил парична казна бидејќи не учествувал на задолжителната обука и не го оправдал своето отсуство.

Парична казна добил и Г.Б., водич на безбедносен реон во ПО Групчин зашто ги изготвувал списоците за реализирани часови, и на дел од полициските службеници им впишал повеќе часови по основ на сменско работење

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top