Џихадистите од екстремната сунитска организација Исламска држава (IS) во четвртокот камшикувале пет жители на ирачкиот град Мосул поради користење мобилни телефони, а на три жени им ги отсекле рацете „под непознати обвиненија“.
„Екстремистите од Исламската држава им ги отсекоа рацете на три жени по нејасни обвинувања. Тие, исто така, камшикуваа пет мажи затоа што разговарале на телефон со своите семејства, во центарот на Мосул“, изјавил очевидец од градот за весникот „Ирак њуз“.
Според него, џихадистите ги предупредиле жителите на Мосул дека „ќе добие по 30 удари со камшик секој кој ќе биде фатен додека користи мобилен телефон“.
Со ненадејната офанзива минатото лето сунитската џихадистичка група Исламска држава освои големи области од Ирак и ги спои со оние коишто од 2013 година ги контролира во соседна Сирија на коишто прогласи „калифат“ во кој го спроведува сопственото толкување на строгите муслимански закони – шеријатот.
Особено масовните и брутални погубувања што ги вршат нејзините припадници врз заложниците или локалното население кое не се согласува со нив, честопати наидуваат на осуди од високите исламски клерици, според кои Исламската држава проповеда искривоколчено толкување на исламот.
Извор: Макфакс
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.