Стотици ученици и наставници ширум Турција денеска ја бојкотираа наставата во знак на протест заради се поголемите верски содржини во наставата, а полицијата во Измир употреби водени топови за да ги растера илјадниците демонстранти на протестниот марш, јавија западните агенции.
Американските медиуми пренесуваат дека најмалку 10 лица се уапсени во пет града низ Турција заради организирање на бојкотот. Тие наведуваат дека во неколку града илјадници лица марширале носејќи транспаренти со натписи со кои се бара секуларен образовен систем во земјата, темелен на науката. Некои ученици во текот на бојкотот посетувале музеи на науката или посетувале предавања.
Британските медиуми наведуваат дека бојкотот е организиран од синдикатот на наставници и здруженијата на малцинската алевитска заедница.
Следбениците на секуларните традиции во Турција тврдат дека претседателот Реџеп Таип Ердоган гради образовен систем нагласено фокусиран на исламското учење, за да ја оствари целта на одгледување „побожни генерации“, пренесуваат американските медиуми, додавајќи дека Владата во последните години ја ублажи забраната за носење шамии на глава и го зголеми бројот на верски училишта и часови.
Британските медиуми наведуваат дека делови од некои училишта се одземани за да се направи повеќе место за учениците на верските школи „Имам Хатип“, за кои се залага Ердоган, а во кои момчињата и девојчињата наставата ја следат одвоено. Британските меидуми наведуваат дека во овие школи се запишани приближно милион ученици, во однос на 65.000 колку што ги имало во 2002 година кога Партијата на правдата и развојот на Ердоган дојде на власт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.