Еминентни историчари, научници, професори, новинари и други интелектуалци загрижени за сегашноста и за иднината на Република Македонија вечерва на трибина во општина Велес дадоа јавна поддршка на Платформата на Граѓанското движење за одбрана на Македонија.
Историчарот проф. д-р Виолета Ачковска во своето обраќање до присутните на трибината се задржа на неколку важни реченици за Македонија, кои се дел од нејзината книга „За предавствата и атентатите во македонската историја“.
– Се решив за оваа книга бидејќи ние Македонците многу малку учиме од сопствената историја и, за жал, нас историјата ни се повторува како трагедија – заклучи Ачковска.
Таа прочита неколку реченици од оваа книга, кои се однесуваат на македонската трагика, на делбите, на предавствата и на меѓусебните уништувања.
– Токму целта на ова наше здружение е да ја заборавиме идеологијата, да ги заборавиме партиите и еднаш засекогаш да постигнеме национален консензус за клучните прашања за нашата држава и нација. Без таков консензус нема да биде ништо од нашата држав,а бидејќи македонското прашање е сè уште отворено – потсети Ачковска.
Таа нагласи дека спорот за името е прашање на опстојување на македонската држава, и додаде дека сè уште треба да се бориме и со сеништата на минатото и на сегашноста, во моментот, кога, како што рече, некои евтино се продаваат на надворешни служби, на туѓи интереси и сакаат дефинитивно да не постои македонската држава на овие простори.
Ташко Јованов од Здружението на Македонците од Егејот „Македон“ во своето обраќање потенцира дека народот не ги сака предавници во служба на грчката империја.
– Ние Македонците секогаш ќе се бидиме Македонци, секогаш ќе си го зачуваме идентитетот, јазикот и културата и нема никому да му дозволиме да ни ги одземе, а оние кои се предавници нека си заминат од политиката и нека се селат од своите работни места. Нас на Македонците нека ни остават да се гордееме со Република Македонија. Затоа даваме подршка на сите Македонци и повикуваме заеднички да се бориме еден за друг и да бидеме цврсти, зошто знаеме колку наши претци пролеале крв и ги дадоа своите животи за оваа наша Македонија – рече Јованов.
Новинарот и критичар Миленко Неделковски праша дали има Влада која не греши и која може може да направи подобро, а и самиот даде одговор дека нема Влада во светот која не греши и не може да направи уште повеќе.
– Се она што го направила оваа македонска Влада се гледа на дело по изградените објекти, а за разлика од некои други влади кои или не можеле да соберат пари или тие пари ги сокриле од народот – рече Неделковски.
Универзитетскиот професор Тони Наумовски порача дека дошол во Велес и ќе оди низ цела Македонија и секаде во светот каде што треба да се шири македонската вистина.
– Македонски народе како и многупати досега во историјата се соочуваме со многу критичен и тежок историски миг. Поради еден несериозен човек се создаде ситуација во која ние дефинитивно се соочуваме со проблеми по стабилноста на нашите институции на системот на државата, Република Македонија. Затоа јас дојдов вечерва да се приклучам кон овој автентичен македонски отпор на македонскиот народ кој како и многупати низ историјата ја препознава опасноста по себеси и својата колективна егзистенција, нагласи Наумовски.
Тој потсети дека Македонците секогаш имале клета судбина и биле мета на непријателите и крвниците.
– Самото губење на името значи губење и на нашиот идентитет и на нашата историја, а без национален идентитет нема иднина на секој од нас. Затоа се радувам што деновиве самоиницијативно се создава револт од граѓаните кон сите обиди на странските непријателски центри на моќ, како низ историјата така и денеска, во нивните обиди да ја разнебидат единствената наша држава. Ние друга држава немаме. Ова е парче земја на кое сме живееле и ќе останеме да живееме, тоа е нашето место во овој свет – заклучи Наумовски.
Трпе Туфекчиев, професор по социологија во Велешката гимназија рече дека истрајноста и гордоста на еден народ се гледа токму во неговата способност да опстане и да се избори за своите права, идентитет и својата територија и држава.
Граѓаните присутни на трибината дадоа свои мислења за одбраната на Македонија и македонскиот народ, држава и идентитет, како и силна поддршка на ставовите изнесени од излагачите на трибината
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.