Во текот на денов, а во врска со инцидентот што се случи рано утринава во дискотеката „Мистик“ во Штип, се огласи еден од учесниците. Нападнатото момче, 22-годишниот Даниел Михајлов, раскажува како започнала тепачката, јави телевизијата „Канал 5“.
– Кога тргнав кон тоалетот, Мишко ме сопре и во тој момент ми удри еден бокс, со тупаница ме удри во пределот на лицето. Кога паднав, тој замавна со еден стаклен предмет и ме погоди во десната рака, по што ми ја расече раката. Во тој момент нѐ разделија, а неговите другари и пријатели почнаа да маваат кон нас, кон моите другари. Се сокривме, а потем дојде и обезбедувањето, се собра многу народ, ни направија пат, јас рипнав преку вип-сепарињата, излегов надвор, бев во брзата помош, од таму ме упатија во болница, за потоа да отидам во полиција каде што го пријавив случајот – изјави повредениот Даниел Михајлов.
Денеска полицијата ги повика на разговор учесниците во инцидентот за детално да го расчисти случајот. Неофицијално, со предизвикувачот на тепачката бил и син на познат политичар од опозицијата. Од полицијата велат дека работат на утврдување на оваа информација. Поради обемноста на случајот, од полицијата попладнево излегоа со нова информација дека во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени останатите детали за тепачката со конкретна информација, дали во истата, покрај синот на познат бизнисмен, бил и негов другар, син на познат политичар од опозицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.