Младиот компјутерски гениј Марко Чаласан од Македонија го положи последниот испит во Љубљана и стана најмладиот систем-инженер на „Мајкрософт“.
Медиумите го нарекуваат Марко новиот Бил Гејтс.
„Република“ го избра Чаласан за личност на годината во 2013 година, кога тој влезе во изборот на 50-те најинтелигентни тинејџери во светот.
Веста доби голем публицитет во словенечките и во црногорските медиуми, но и во еден од највлијателните светски електронски медиуми „Си-Ен-И-Ти“ (CNET), кој оваа информација ја пласираше како вест на денот.
Според технолошката обученост, Марко дефинитивно е чудо од дете, изјавил Матеј Потокар, главниот менаџер на „Мајкрософт“ во Словенија.
Генијот Марко на компјутер дневно работи 4 часа, но понекогаш и повеќе од 10. Не игра видеоигри, а на своите врсници им порачува доколку сакаат да играат, да излезат надвор и да си играат со нивните реални пријатели.
Во меѓувреме, Марко работи на проекти. Еден од нив е за продукциски висококвалитетни ХД лекции во целосен ХД формат, како и дизајнирање систем за емитување на истите по пат на мрежна дистрибуција. Сака да го промовира проектот на некој од поголемите светски ИТ саеми и собири, а се надева дека за него ќе се заинтересира и некоја компанија во Македонија.
За Марко Чаласан, како информатичко чудо од дете, се дозна пред неколку години, по што Министерството за образование му подари комплетна компјутерска лабораторија, која, како што вели, многу му помогнала да го усоврши своето знаење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.