Играчот на Ливерпул, Даниел Стариџ во вторникот го забележи првиот настап за својот тим оваа година. Тој се врати по повредата и беше еден од најзаслужните во играта на „црвените“ во победата над Тотенхем од 3-2.
Одличниот Англичанец асистираше за првиот гол до Лазар Марковиќ, а беше направен и фаул над него за пенал, кој го реализираше капитенот во заминување, Стивен Џерард.
Сепак, славата на овој натпревар му ја одзеде Марио Балотели, кој им донесе победа со гол во 83. минута.
Стариџ има високо мислење за Балотели и мисли дека заедно би можеле да сочинуваат одличен напаѓачки тандем.
– Кога Марио игра со мене во нападот, имам повеќе простор по страничните линии бидејќи стоперите е фокусирани на него. Сигурен сум дека ќе имаме одлично разбирање во нападот во иднина. Немам дилеми за тоа – изјави Даниел Стариџ.
Во продолжение тој истакна дека не би имал никаков проблем ако во нападот треба да соработува и со друг играч.
– Можам да играм со кој било играч во нападот, не само со Балотели. Што и да одлучи менаџерот околу составот, јас немам проблеми со тоа. Ќе се трудам да имам добра соработка со партнерот во нападот. Ќе се адаптирам и ќе се трудам да имаме добри резултати – додаде Стариџ.
Следниот натпревар Ливерпул го игра на гостински терен в сабота против Кристал Палас во рамките на Купот на ФА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.