Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ понуди на Украна финански пакет од 17,5 милијарди долари за санација и за стабилизација на украинската економија, јавуваат американските медиуми.
Генералниот директор на ММФ, Кристин Легард, најавувајќи го пакетот, изјави дека висината на помошта за Украина, всушност, е многу поголема.
Заедно со средствата од други извори, во следните четири години за украинската економија би се обезбедиле 40 милијарди долари.
Најновата понуда од ММФ доаѓа во време додека во главниот град на Белорусија, Минск, се одржуваат преговори меѓу Украина, Русија, Франција и Германија за мирно решавање на украинскиот конфликт.
Претпоставка е дека доколку не се постигне решение за прекин на огнот и за создавање демилитаризирана зона меѓу завојуваните страни, целата ситуација би можека да излезе надвор од контрола со крајно неизвесен развој на настаните.
Економски и финансиски експерти, меѓутоа, предупредуваат дека властите во Киев немаат проблем само со безбедноста и со обезбедувањето контрола врз сопствената територија, туку и со домашната економија.
Нивните процени се дека Украина е на работ од банкрот и дека ситуација е како грчката затоа што на земјата итно ѝ е потребна помош за одржување на ликвидноста и за сервисирање на финансиското работење.
Од Владата во Киев, покрај санација и спроведување темелни реформи на економскиот и на финансискиот сектор, се бара и елиминација на длабоко вкоренетата корупција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.