Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, со градоначалникот на општина Велес денеска ги посети семејствата чии куќи изгореа во пожар што изби ноќеска околу полноќ во населбата Дворови во центарот на градот.
– Овие луѓе загубија сѐ што печалеле во животот. Погодени се три куќи, а две семејства целосно ги загубија домовите. Ние во соработка со Црвен крст на настраданите ќе им доделиме првична помош во ќебиња, постелнина, храна и хигиенски средства и сѐ што им е потребно – потенцира Спасов додавајќи дека на настраданите преку Министерстсвото и Центарот за социјална помош ќе им биде доделена и еднократна парична помош.
Потенцира дека сите надлежни ќе ја следат состојбата и ќе им помогнат на настраданите да излезат од социјалниот момент во кој се нашле и оти со бизнис-секторот и граѓаните ќе им помогнат за повторно ги изградат своите домови.
Градоначалникот Чадиев, кој цела вечер бил на местото на настанот и ги координирал активностите за спасување на опожарените најави дека покрај еднократната помош на семејствата од МТСП ќе им биде доделена и помош од општината Велес.
– По увидот од полиција ќе работиме и на расчистување на двете опожарени куќи ,бидејќи веќе има завршена тендерска постапка за рушење објекти склони кон рушење – вети Чадиев, а најави и дека првично ќе биде обезбедена кирија за семејствата кои немаат каде да живеат.
Силвана Мишкова, портпарол на велешката болница, информира дека синоќа во болницата биле донесени шест лица.
– По укажаната помош четворица од нив веднаш биле пуштени на домашно лекување поради лесни телесни повреди, а двајца пациенти на 49 и 51 година биле краткотрајно задржани на лекување. По проверката од лекарски тим дека немаат тешки телесни повреди и изгореници и тие се пратени на домашно лекување – потенцира Мишкова.
Пожарот избил синоќа околу полноќ настанат во куќа лоцирана на улица „Ѓоре Органџиев“ бр. 29 во Велес, при што пожарот го зафатил долниот и горниот кат од куќата на семејството Бошкови.
– Од страна на полициски службеници веднаш е пружена помош за извлекување на лицата затекнати во куќата, односно, од прозорец било извлечено 16-годишно дете кое имало знаци на труење од чад и нему му е укажана помош од страна на екипа на Итната медицинска помош. Направени се обиди да се извлече и 74-годишната Јелица Б. која се наоѓала на горниот кат од куќата. Но за жал, поради рушење на скалите, тоа било оневозможено и таа починала, потенцира портпаролот на велешката полиција Анита Стојковска.
Од пожарот била зафатена и соседната куќа на семејството Јанушеви која е лепенка со првоопожарената, при што и двете куќи се целосно изгорени. Пожарот се проширил и на соседната куќа на конфекцијата на Рашето при што целосно е изгорена внатрешноста на погоните за текстил.
– Инаку во пожарот од експлозија на боца со ЦО2 од куќата на семејството Бошкови каде што првично настанал пожарот, телесни повреди добиле командирот на ТППЕ и двајца граѓани – соседи кои учествувале во гаснење на пожарот – информира таа и додава дека сѐ уште се утврдуваат причините за големиот пожар.
Во интервенцијата на гаснење на пожарот на Противпожарната единица од Велес ѝ притекле на помош противпожарни екипи од Скопје, Кавадарци, Свети Николе и Штип кои цела вечер се бореле со огнената стихија, со што била избегната поголема трагедија со пожарот да бидат зафатени и околните куќи, кои се блиску и залапени една до друга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.