| четврток, 6 декември 2018 |

Чуркин: Ако не успее самитот во Минск, можна е ескалација на конфликтот во Украина

Постојаниот претставник на Русија во ОН, Виталиј Чуркин изјави дека светската организација искрено се надева на успех на планираната средба на лидерите од „Нормандиската четворка“ (Русија, Украина, Германија, Франција) утре во Минск, но истовремено изрази загриженост дека во случај на неуспешен самит, конфликтот во Украина би можел да ескалира.

Според него, во кулоарите на ОН многу се зборува на оваа тема и постојат „големи надежи во врска со претстојната средба“ во Минск меѓу Владимир Путин, Петро Порошенко, Ангела Меркел и Франсоа Оланд.

Чуркин истакна дека ескалацијата на конфликтот, кој би „влегол во ирационална фаза во која би можело се да се очекува“, може да биде исклучително опасно и затоа е од големо значење утрешниот самит на „четворката“.

Истакнувајќи дека не му се познати деталите од предлозите кои се разгледуваат во Берлин и кои ќе се разгледуваат во Минск, шефот на руската мисија во ОН нагласи дека теоретски би било можно присуство на мировници во конфликтната зона во Украина, доколку биде потребно, но тоа бара политички одлуки.

Од резултатот на средбата во Минск ќе зависи и прашањето за американска испорака на оружје во Украина, оцени Чуркин. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top