
Со филмот „Далеку од луѓето“, чијашто премиера моментно се одржува и во француските кина, ќе се отвори Неделата на францускиот филм, која почнува в среда, на 11 февруари во 20 часот, во киното „Милениум“.
Оваа Недела е насловена како „Актуелните настани во фокусот на францускиот филм“, информираат од Францускиот институт во Скопје.
Последното остварување на Давид Оелхофен од 2015 година, од филмската критика е оценето како „напната вестерн-драма, која ни ја доближува хуманоста преку маестралната игра на Виго Мортенсен и на Реда Катеб“ (Пари Мач), филм кој „поттикнува на размисла и дискусија и бара активирање на интелигенцијата кај гледачот“ (Ле Новел Обсерватер), „екранизацијата на новела од Ками, со извонредниот спој на режија, фотографија и врвна игра на актерското дуо, е приказна за војната, предавството и храброста (Паризјен).
Неделата на францускиот филм продолжува во киното „Фросина“ со проекција на филмот добитник на Гранпри за најдобар филм на Канскиот филмски фестивал 2010 година, „За луѓето и боговите“, на Гзавие Бовоа (2010), со Ламбер Вилсон, Мајкл Лонсдал, Оливие Рабурди, в четврток 12 февруари во 20 часот.
В петок, на 13 февруари има две проекции, првата во 20 часот, на филмот со десет номинации за Цезар 2009 и најдобриот француски филм според меѓународните медиуми и француската публика за 2009 година,„Добре дојде“, на Филип Лиоре (2009), со Венсан Лендон, Фират Ајверди, Одре Дана, и втората проекција во 22 часот, на најдобрата комедија за 2012 година според француската публика, „Искрени пријателства“ на Стефан Аршинар (2012), со Жерар Ланвен и Жан-Иг Англад.
Билетите за отворањето се бесплатни, а резервациите за нив се вршат телефонски во Францускиот институт во Скопје. За останатите проекции билети се набавуваат на касата на Младинскиот културен центар.
Филмовите се со превод на македонски јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


