Регионалниот патен правец што ги поврзува општините Битола и Новаци повторно е ставен во функција и сообраќајот на двете страни непречено се одвива.
Екипи на РЕК „Битола“ и на ФОД – Новаци извршија транспорт и монтирање на цевките, Општина Новаци обезбеди тампон за засипување на патот кој неодамна беше пресечен како интервентна мерка за заштита од поплавите, истакна градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.
– Поставени се две цевки со пречник Ф-1.800 како дел од импровизиран мост по кој веќе започна да се одвива сообраќајот. По стабилизирање на временската ситуација ќе се изгради и уреди трајно сообраќајно решение на овој дел од патот. Ова беше неопходно да се направи и заради нормално функционирање на комбинатот РЕК „Битола“, но и заради нормално функционирање на секојдневниот живот во општина Новаци – посочи Котевски.
Со решавањето на овој проблем се интезивираат можностите за помош и поддршка на населението во оваа локална самоуправа, а тие се големи беше потврдено на утринската средба на градоначалникот Лазар Котевски со новинарите во општина Новаци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


