| четврток, 6 декември 2018 |

Путин ги скара САД и ЕУ

putin sad euГерманската канцеларка Ангела Меркел не се согласува со оцената на американскиот претседател Барак Обама дека вооружувањето на Киев е единствен начин да се сопре Путин.

Спротивставените мислења меѓу сојузниците од двете страни на океанот кулминираше минатиот викенд на безбедносната конференција во Минхен.

Меркел порача во Минхен дека дополнителна примена на сила против проруските сепаратисти на истокот на Украина ќе предизвика само спротивен ефект.

– Уверена сум дека дополнително оружје нема да донесе напредок каков што ѝ е потребен на Украина – изјави канцеларката, која денеска во Вашингтон има средба со Обама. Нејзината изјава веднаш испровоцира остар одговор од САД. Влијателниот сенатор Џон Мекејн ја обвини Германија за рамнодушност против украинскиот народ.

– Се добива впечаток дека Ангела Меркел не знае или не сака да знае дека во Украина гинат луѓе. Украинците секојдневно се масакрирани, а ние им праќаме ќебиња и оброци. Тоа нема да помогне во борбата против армијата на Владимир Путин – порача Мекејн.

Политичкиот судир на САД и на Германија, која, практично, говори во името на ЕУ, веднаш се обидоа да ги ублажат американскиот и европскиот шеф на дипломатијата Џон Кери  и Федерика Могерини со пораки дека „нема раздор“ и дека се „единсвени“, но штетата е веќе направена.

Путин, Меркел, Оланд и Порошенко вчера имале телефонски разговор за украинското прашање, а во среда треба да се сретнат во Минск за да го разгледаат мировниот план. Сепак, Русија постави свои услови.

– Состанокот ќе се одржи само ако успееме да се договориме за одреден број точки за кои интензивно разговаравме во последно време, соопшти Путин не навлегувајќи во детали.

Саркози: ЕУ не ѝ е судена на Украина

Не можеме да го обвинуваме Крим што се одвои од Украина, изјави поранешниот претседател на Франција Никола Саркози додавајќи дека на Украина не ѝ е судено да стане членка на ЕУ.

– Крим ја избра Русија и ние не можеме да ги обвинуваме. Мораме да најдеме начин да формираме мировни сили што во Украина ќе ги штитат тие на кои мајчин јазик им е рускиот – рекол Саркози.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top