| четврток, 6 декември 2018 |

Се урна мост во Свети Николе

Министерот за здравство, Никола Тодоров попладнево ја посети Општина Свети Николе каде што доцна синоќа од надојдените три реки се урна мост во населбата Ливадиште, а Светиниколска Река се излеа на помали земјоделски површини и поплавила фарма. Повеќе од педесетина семејства останале отсечени од остатокот од градот.

– Потребно е да се изнајде начин како да се тргне мостот од тука, затоа што тоа може да преставува бариера за некои нови врнежи од дожд, а потоа секако да се најде начин и да се напрви нов мост, вели Тодоров.

Тој посочи дека локалната власт претходниот период презеле сериозни мерки за чистење на речните корита со цел водата да не се излее во домовите во населбата Ливадиште.

Тодоров вели дека покрај тоа што како Министерство имаат преземени низа мерки за поплавените подрачја, најави дека во селата кои имаат свои водоводни системи ќе им бидат испорачани и таблети за хлорирање на водата.

– Она што сега го правиме обезбедуваме дополнителни таблети за хлорирање на водата, кои се околу 300.000 и вака како количина се доволни за некаде околу 10.000 жители, некаде околу еден месец комплетно да се снабдуваат со вода, рече Тодоров.
Градоначалникот на Општина Свети Николе, Зоран Тасев изјави дека Кризниот штаб ги презел сите мерки за заштита на населението од надојдените води, а од утринава се прави и проценка на штетите.

Тој истакна дека исчистените речни корита не дозволија водата да се излее во населбата, која пред две години беше поплавена од прелевањето на езерото Мавровица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top