Локалните власти на Париз одлучија да го забранат натамошното снимање акциски филмови на улиците на францускиот главен град, објаснувајќи го решението со минатомесечните терористички напади.
– Има проблеми со ваквите филмски сцени на париските улици кога актерите се појавуваат во униформи, затоа што може да бидат цел на напад од терористите, изјави полицискиот командант Силви Бернард.
Според неа, актерите може да предизвикаат и конфузија во јавноста,во сегашниот „чувствителен период“ по нападите во јануари. Бернард соопшти и дека властите забраниле носење и поседување лажно оружје, а забранети се и сите пиротехнички ефекти.
Тензиите во Париз и натаму се високи по нападите на три локации во Париз кога исламистички терористи убија 17 лица. Бернард изјави дека не знае до кога ќе трае забраната за снимање акциски филмови низ улиците, нагласувајќи дека она што се случуваше во јануарските критични три дена од многу парижани беше опишано како „сцени видени на филм“.
Париз со неговите атрактивни објекти и широки булевари е мошне популарна дестинација за снимање филмови. Само лани во францускиот главен град се снимени 930 филмови, од кои 20 во меѓународни продукции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.