| четврток, 6 декември 2018 |

Постар гостиварец осомничен за шверц на хероин

 Секторот за недозволена трговија со дрога од одделот за искоренување организиран и сериозен криминал до ОЈО Гостивар ќе поднесе кривична пријава за гостиварецот Л.Ф. (53), осомничен дека ги направил кривичното  дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Како што сооптши МВР, кривичната пријава ќе следува по извршените претреси на дом и други простории на подрачјето на Гостивар, кај лицето Л.Ф. по налог на судија на претходна постапка бидејќи подолго време за него постоеле основи на сомневање дека е иволвиран во недозволена трговија со хероин и со кокаин.

При извршените претреси на местото на настанот се затечени шест лица како уживаат наркотична дрога,  при што тие се лишени од слобода и се запленети околу 20 грама хероин и една автоматска пушка. Исто така, пронајдени се поголем број предмети за кои постои основано соменение дека потекнуваат од кражби, кои во залог за замена за дрога му биле давани  на Л.Ф.

„Пријавениот на почетокот на месецов од непознато лице од Гостивар набавил наркотична дрога хeроин со засега неутврдена количина и цена со намера во неговиот  стан  да ја препакува во помали пакувања и да ја препродава на лица уживатели на наркотична дрога хероин од Гостивар, со цел да се стекне со противправна имотна корист“, се вели во соопштението.

По наредба на судија на претходна постапка од страна на полициски службеници извршени се претреси на дом и други простории во сопственост на таткото на пријавениот во Гостивар како и во викенд куќа во с.Форино. Л.Ф. подолго време е инволвиран во недозволена трговија и продажба на хероин на нарко-зависници на кои им продавал и им овозможувал уживање во еден од двата стана кои ги поседувал на наведената адреса.

Од извршените претреси на наведените локации во викенд куќата во с. Форино  пронајдена е една автоматска пушка без дозвола за поседување, одземена од неговиот татко, додека во становите пронајдени се една црна машка чорапа, во чија внатрешност имало: една полиетиленска кеса со непозната прашкаста материја кафеава боја,118 мали парчиња од најлонски кеси, исечени во форма на кругови и 15 мали парчиња од најлонски кеси, исечени во форма на квадрати со жолта боја. (се користат за пакување дози од наркотична дрога), еден мобилен телефон, марка нокиа со две сим картички и парични средства, една најлонска кеса од цигари со седум паковки со непозната прашкаста материја; и една  најлонска кеса исто од цигари  со две жолти паковки со непозната прашкаста материја, две нагорени алуминиумски фолии со видливи траги од нагорена непозната материја, една алуминиумска фолија во вид на цевка и една помала алуминиумска фолија во вид на цевка.

Одземените предмети се предадени до Одделот за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР, заради натамошно вештачење. По извршено вештачење утврдено е дека се работи за хероин со тежина од 18,6 грама.

Против лицето и претходно се преземани мерки и активности така што кон крајот на јануари годинава се извршени претреси и од страна на Полициската станица Гостивар и на лице место исто така се затекнати лица уживатели на дрога за што дополнително ќе следи посебна кривична пријава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top