Победата на Алексис Ципрас и на неговата коалиција на радикалната левица во Грција, ги разбуди апетитите на македонските опозиционери и на нивите верни пера. По малку трагикомично, но промената кај јужниот сосед и победата на СИРИЗА ги орасположи и нашите квазилевичари и нивните медиумски пера. Проблем е што реалноста е сосема поинаква, а желбите кореспондираат само со прикаската за гладната кокошка, во оваа верзија многу сита и имотна, но гладна за власт.
За волја на вистината, тоа што од целата грчка изборна одисеја 2015 година би ѝ прилегало и одговарало на македонската „водечка“ опозиција е улогата и судбината на ПАСОК. Има многу паралели со оваа грчка партија, сега предводена од Евангелос Венизелос. Довчерашната владејачка партија на овие избори во соседната земја сега едвај го мина прагот од смешни три проценти за, воопшто, да влезе во парламентот со некој пратеник, дебакл со повеќе од седум пати помалку гласови од првопласираната партија на Ципрас. Агонијата и пропаѓањето на, до вчера, едната од најголемите две грчки партии, трае само неколку години, во кои од владејачка партија преминаа во коалициски приврзок на Нова демократија, па сѐ до последниот, катастрофален резултат. Во тој однос, македонската опозиција, предводена од СДСМ, се држи подобро или, во превод, пропаѓа побавно. Таа губи девет избори по ред во исто толку години, но со побавен пад од грчките колеги. Ги држи неверојатно големата желба за враќање на власт, очигледно, карактеристика што не е толку изразена кај ПАСОК. Како што се чини, грчката партија не е добро упатена во уметноста на бојкотот…
Антиглобалистот Ципрас наспроти македонските револуционери-милионери
Разликите меѓу СДСМ и СИРИЗА, пак, се немерливи. Основно е што во грчкиот случај се работи за сосема нова партија, а во вториот за структура со децениски стаж. Пологично е некоја „македонска“ СИРИЗА да биде токму нова левичарска партија што ќе го замени СДСМ. Единствена работа што ги спојува Ципрас и Заев, освен различно мотивираната желба за власт, е што македонската партија е атавизам и официјален наследник на некогашните комунисти од СФРЈ (чијшто имот го наследија и користат), кои на крајот на некогашна Југославија беа сѐ, само не комунисти и левичари. Секако, и честиот престој во Грција, пеш… Во денешниот СДСМ, пак, можеби, има левучари, но левичари, дефинитивно, не.
Од една страна го имате Алексис Ципрас, новото големо име на грчката и европска политичка сцена, човек со имиџ на млад и харизматичен револуционер, популарен политичар, мотоциклист и вљубеник во ликот и во делото на Ернесто Че Гевара, модерен човек, кој живее во неформален брак со жената на својот живот, со која има две деца, антиглобалист и политичар без никаква дамка, никакви милиони на сметка или каква и да е афера во своето портфолио, а од другата политички дует на двајца политичари, кои се претставуваат како револуционери со милионски имоти, аболиции, кирии, тендери, стотици лапсузи и гафови и многу години учество во највисоки позиции во губитничкиот тим на партијата што речиси две и пол децении е на домашната сцена.
Споредбата паѓа во вода и кај односот кон меѓународната заедница. Ципрас со својата победа ја потресе меѓународната сцена и веќе следниот ден го ничкоса еврото, сето тоа поради неговиот негаторски однос кон грчкиот долг, „тројката“, приближувањето кон Русија, односот кон „неонацистичката“ влада на Украина и други потези во минатото.
Од македонска страна, пак, ја имате партијата што е позната по својот полтронски однос кон меѓународната заедница, структура што послушно го спроведуваше секое нејзино барање и расположено учествуваше во промена на името (привремено, нели?), знамето, во територијална поделба во 2004 година и во уште многу други дела.
Сепак, СДСМ и СИРИЗА ги спојува уште една работа – коалицијата со сосема различна партија. Ципрас поради власт се здружи со крајната десница на Каменос, а нашите „државотворци“ во 2002 година први коалицираа со интегративните „команданти“ на ДУИ, чин, кој по нивниот преседан се наметна како неминовен принцип, поддржан од истата таа меѓународна заедница, за незаобиколно учество на мнозинската албанска партија во власта. Желбата за приближување кон старите партнери, лидерот ја презентираше неодамна во интервју за „Алсат-М“, кога јавно ги осуди и кудеше „престрогите“ казни за хулиганите и за вандалите, кои поради пресудите за „Монструм“ кршеа судови и тепаа полицајци… Спротивностите, сепак, се привлекуваат, нели…
Божиновски – СДСМ и СИРИЗА се неспоиви, пандан им е ПАСОК
И македонските познавачи на состојбите се согласуваат дека СДСМ сѐ почесто оди во правец на ПАСОК. Политикологот Владимир Божиновски одбива во каков и да е контекст да направи паралела меѓу СДСМ и СИРИЗА. Нивниот пандан на грчката сцена е, дефинитивно, ПАСОК, вели Божиновски.
БОЖИНОВСКИ: Секако дека има сличности меѓу грчката и македонската политичка сцена. И таму имаше состојба кога левицата беше сосема безидејна, по што довербата на граѓаните во ПАСОК ја снема и се отвори голем простор за нова лева партија. Вистинското прашање е дали во Македонија ќе се појави некоја СИРИЗА, која ќе ја искористи празнината оставена од СДСМ. Ќе видиме дали некоја нова политичка партија ќе успее да се наметне како левица бидејќи, очигледно, СДСМ никако не успева да се реформира и станува партија без платформа.
Божиновски вели дека, без разлика дали тоа ќе биде сосема нова партија или ќе произлезе од некоја од досегашните во плуралната историја на државата, доколку се случи тоа, ќе мора да понуди нови, свежи, способни луѓе и нови издржани идеи и програма.БОЖИНОВСКИ: Во овој случај не зборуваме за т.н. „трет блок“, туку за партија што ќе го искористи отворениот простор кај левицата. Во секој случај, СДСМ никако не се споредува со СИРИЗА. Првата е стара, а СИРИЗА нова партија, која се појави и го зазема просторот. СДСМ личи на ПАСОК.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 126. број на неделникот „Република“, 30.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.