
Колумнист: Горан Момироски
Со безусловното прифаќање на тврдата политика на партијата Независни Грци, новиот грчки премиер веднаш ни порача колку е часот во врска со спорот за името. Да потсетиме, шефот на неговиот коалициски партнер, со кого единствена заедничка политика им е укинувањето на мерките за штедење наметнати од ЕУ, е прецизен – земјава во своето име не смее да го користи зборот Македонија. Така за нецели 24 часа згаснаа надежите дека во ерата на „младиот, шармантен и симпатичен“ Грк може да заврши македонското беспаќе кон ЕУ и кон НАТО.
А за него, без разлика дали, навистина, мајка му била Македонка или „Македонка“, гласаа сите Македонци во Грција, со исклучок на тие што беа на листите на Неа демократија, ПАСОК или на другите партии. Тие сега ќе бидат најразочарани затоа што ќе видат дека, како и во другите земји, реалната политиката не зависи ниту од идеологијата ниту од очекувањата на гласачите, туку од политичките чекори што ќе ви обезбедат преживување. Во тој контекст, Ципрас не должи никому ништо, иако некои од фракциите на СИРИЗА во минатото го прифаќаа македонското национално малцинство како различно од грчко-македонското, тој никогаш за време на изборната кампања или претходно во последниве години не ги повика или им се обрати на Македонците во Грција. Но, овој пат имаше многумина што навиваа, но и активно се вклучуваа во агитирање за него. Слободните процени на дел од македонските активисти велат дека со негласањето на Виножито и со другите гласови на Македонците СИРИЗА доби најмалку еден пратеник повеќе.
Ако во последниот развој на настаните има нешто позитивно, тоа е фактот дека Ципрас, сепак, по средбата со Панос Каменос (Независни Грци) призна дека има различна позиција од партнерот во владината коалиција и дека некогаш, можеби, ќе се врати на своите стари позиции во кои правото на самоопределување и на самоидентификација не беа спорни дури ни за Македонците.
Ако се суди според начинот на кој Ципрас се однесува со тие што ја спасија Грција од банкрот пред пет години, Македонија нема ни минимално право да се надева на промени. За министер за финансии постави професор што нема никаков контакт со реалната економија и кој преку интервјуа порачуваше дека дури и Грција да не ги врати долговите до 2038 година, тоа нема да биде проблем затоа што долговите кон кредиторите не се поважни од начинот на кој живеат и ќе живеат Грците.
Ако се суди, пак, според односот кон политиката на Брисел за Русија, тогаш можеме да очекуваме и полоши денови. И покрај телефонскиот договор меѓу американскиот претседател и германската канцеларка за засилување на притисокот врз Москва поради смртта на триесетина луѓе во Мариопол, Грција јавно протестираше затоа што ЕУ излезе со изјава според која сите членки на Унијата се согласуваат за посилен притисок кон Москва. Практично, Атина изјави дека Европската унија лаже дека има консензус за нови санкции кон Москва, што, рака на срце, им ја олеснува работата на сите што губат од санкциите кон Русија. Реакцијата на Грција за односот кон Москва и посетата на Ципрас на местото каде што во 1944 година нацистичките единици стрелале околу 200 грчки партизани, во многу европски кругови се сметаат за директна провокација кон тие што ја спасија Грција од банкрот. Дополнително, Ципрас и неговите партиски колеги не го повлекуваат јавното барање Германија да врати околу 11 милијарди евра, кои германската војска во 1943 година ги зела на сила од грчката национална банка и никогаш не ги вратила. Вкупно со воените репарации, како што пресмета комисијата назначена од Андонис Самарас пред една година, Германија треба да врати повеќе од 200 милијарди евра, што е близу до долгот што Грција го има кон своите кредитори. Во обид да издејствува подобра преговарачка позиција, сега Ципрас ги бара овие пари и ја нарекува Германија должник.
Но иако сите овие чекори на Ципрас изгледаат налудничаво, многумина сметаат дека тој точно знае што прави и дека не се работи за коцкарски потези, туку за добро пресметана операција, која треба да ја исплаши ЕУ и, пред сѐ, Германија како најголем кредитор. На прв поглед се чини дека оваа тактика успева, по најавата на Ангела Меркел дека ЕУ е подготвена за излез на Грција од еврозоната, германскиот министер за економија Зигмар Габриел речиси плачливо побара Грција да биде фер со граѓаните на ЕУ и на Германија. Причината за ваквата дефанзивна политика на ЕУ, веројатно, се должи на фактот што ако се случи „грексит“, односно излез на Грција од еврозоната, тоа ќе чини меѓу 250 и 300 милијарди евра, кои, за разлика од донациите за Грција, кои треба да се даваат со години, ќе мора да се платата во рок од една до две години, според процените на стручњаците.
Ципрас нема што да загуби, а ЕУ ќе најде своја математика
Тоа што ја прави позицијата на Ципрас најсилна е фактот што тој нема што да загуби ако продолжи да се заканува. Излегувањата од еврозоната ќе донесат сериозни турбуленции во банкарскиот систем и во делови од економијата, но, од друга страна, враќањето на драхмата ќе придонесе за засилување на грчката понуда и во туризмот и во индустријата, а притоа владата во Атина ќе биде ослободена, односно сама ќе се ослободи од огромните рати долгови кон кредиторите. За да биде приказната целосна, излезот на Грција од еврозоната ќе оди на линија на потегот на шефот на европската централна банка, кој со вметнување 1.000 милијарди „бирократски пари“ во реалната економија ќе предизвика инфлација на еврото, а со тоа и подобра конкурентност во однос на американските и кинеските производи.
Македонија ќе ја чека својата шанса
Што може да искористи Македонија од сето ова, сѐ уште е рано да се каже. Во секој случај, македонските дипломати веќе нема потреба да ги уверуваат своите колеги дека од 1991 година Македонија си има работа со несериозни соседи, кои секогаш кога можат лажат и не стојат на зборот, нешто што најдобро се виде со местењето на статистичките показатели за буџетскиот дефицит во 2002 година, кога Грција беше примена во еврозоната. Како последните состојби во Атина ќе ни помогнат на патот кон ЕУ, тешко е да се каже. Опциите се излез на Грција од еврозоната, што, според некои стручњаци, мора да биде придружено со излез од ЕУ, одземање на правото да учествува во донесување одлуки, односно одземање на правото да стави вето на почеток на преговори, но најреално е дека, сепак, во обид да се задржи стабилност на ЕУ, Германија и другите големи играчи ќе направат сѐ што можат за да ја задржат Грција во еврозоната. Ако се случи тоа, тогаш минимални се шансите да се смени нешто во Брисел во врска со Македонија. Во ситуација кога ЕУ се обидува да го зачува својот внатрешен мир, илузорно е да се очекува дека ќе бидат преземени чекори за да го зачува својот кредибилитет нарушен од неправдата кон малата Македонија.
(Текст објавен во 126. број на неделникот Република, 30.01.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


